spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМФ: Со ребалансот поддржуваме раст на пензиите, платите, нови антикризни мерки и...

МФ: Со ребалансот поддржуваме раст на пензиите, платите, нови антикризни мерки и развојни проекти

Со поддршка на ребалансот на Буџетот давате поддршка за раст на пензиите, дополнителни средства за ранливите категории граѓани, средства за фирмите за поддршка на растот на платите во приватниот сектор, дополнителни средства за земјоделците за повисоки приноси и стабилизирање на цените на храната, како и средства за нови антикризни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и заштита на стопанството од шоковите предизвикани од тековната ценовна криза. Ова го порача министерот за финансии, Фатмир Бесими во своето експозе за ребалансот на Буџетот, којшто вчера се разгледува на пленарна седница во Собранието.

 

„Со овој предлог ќе постигнеме две многу важни цели: првоќе ја одржиме макроекономската стабилност, што е од суштинско значење за понатамошниот раст и развој на секоја економија и второ, ќе ја поддржиме економијата за враќање на предпандемиското ниво, како и одржување на социјалната сигурност за нашите граѓани“, истакна Бесими.

Со ребалансот, вкупните приходи за 2022 година се проектирани на ниво од 245,8 милијарди денари и истите се за околу 6,9 милијарди денари повисоки во однос на иницијалните проекции, додека вкупните расходи се планирани на ниво од 288,5 милијарди денари, или за околу 16 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции со планот за 2022 година.

Со ребалансот на Буџетот, кај тековните трансфери се планира нагорна корекција за околу 19 милијарди денари. Тука се планирани средства за антикризни мерки, но и други мерки за таргетирана поддршка за надминување на кризата.

„Ако првиот пакет-мерки беше општ, со цел да забави инфлаторната спирала, следните мерки ќе бидат насочени повеќе кон одредени целни групи коишто се најзасегнати од кризата и кои без тие мерки не би можеле да ги надминат овие ефекти. Ова е впрочем и препораката на меѓународните финансиски институции, како ММФ и Светска банка, но и на Европската Унија – да се делува со мерките кон целни категории“, рече министерот Бесими.

Во рамки на овие средства планирана е дополнителна финансиска поддршка од 4,7 милијарди денари за заштита на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите во услови на продолжена криза на светскиот пазар на енергенси и примарни производи. Проектирани се и дополнителни субвенции и трансфери за земјоделците, односно на првично планираните субвенции дополнителни 3,2 милијарди денари, со цел да ги стимулираат приносите и продуктивноста, за да се амортизираат на ценовните притисоци на основните прехранбени производи. Повисоки трансфери планирани се и за општините, пред сѐ поради раст на блок-дотациите за покачување на платите во градинките и во основните и средните училишта за 15%.

Со ребалансот се обезбедуваат средства за раст на пензиите, согласно новата методологија за пресметка, според движењето на индексот на трошоците за живот во висина од 50% и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во висина од 50%. Исто така, предвидени се и субвенции за придонеси за поддршка на работодавците за раст на платите во приватниот сектор, вклучително и ефектот за субвенционирање на придонесите за минималната плата. Дополнителни 2,4 милијарди денари предвидени се за корисниците на правото на гарантирана минимална помош.

Извршено е ревидирање на капиталните проекти со позабавена динамика, пред сè на капиталните проекти коишто се финансираат со заеми. Сепак, тие за оваа година остануваат на рекордно ниво, односно за 8,8 милијарди денари или 37,8% повеќе во однос на минатата година и за 16,1 милијарда денари, или двапати повеќе во однос на 2020 година.

Буџетскиот дефицит е планиран на ниво од 42,7 милијарди денари, односно 5,3% од БДП или на ниво пониско во однос на минатата година.

„Со Фискалната стратегија 2023-2027 година, предвидена е етапна фискална консолидација, со намален буџетски дефицит како процентуално учество во БДП и тоа од: 4,2% во 2023 година, 3,6% во 2024 година, 3,2% во 2025 година, 3,0% во 2026 година и 2,8% во 2027 година. На среден рок, и покрај присутните ризици и неизвесноста, фискалната политика ќе продолжи кон натамошна консолидација и реструктурирање на јавните расходи со постепено намалување на буџетскиот дефицит и на јавниот долг, поттикнување на економската активност преку капиталните расходи и инфраструктурните инвестиции, како и подобрување на условите за водење бизнис и отворање нови работни места“, нагласи министерот за финансии.

 

 

 

 

Извор: Министерство за финансии

Прочитајте

Заменик претседателот Фетаи ја претставуваше Владата на на Регионалната конференција „GovTech“...

0
Заменик-претседателот Арбен Фетаи денеска учествуваше на регионалната конференција „GovTech“ во Тирана, покрај Премиерот на Република Албанија, г. Еди Рама и други претставници од земјите...