Заврши дводневниот „ЕВРОПОРТА ФЕСТ- 2022“, Музички фестивал со натпреварувачки карактер, во организација на Здружението „Внимание“- Гевгелија. По четиримесечната подготовка и работа со деца од општините Гевгелија, Богданци, Валандово и Струмица, под менторство на професорот по виолина, Маја Зафирова, на двете фестивалски вечери 11 музички таленти го презентираа својот вокал на финалето пред многубројната публика со интерпретација на домашна и странска музика.
Гласовните способности беа оценувани од страна на стручна жири-комисија, која во состав на: Александар Бончев, Костадин Издушнов, Елисавета Бончева и Младен Костадинов, донесе одлуки за награди во повеќе категории. Имено, на првата фестивалска вечер, на која дечињата учествуваа со соло настапи, Слободанка Арнаудова од Богданци и Ивана Коколанска од Валандово го делеа првото место, второто место- Кире Ефтимов и Стефанија Ицовска од Струмица, а третото место- Дијана Јакимова и Марија Папучиева од Гевгелија.
Во категориите дуети и квартети, на втората фестивалска вечер, за најдобри беа прогласени дуетите Ивана Коколанска и Слободанка Арнаудова и Нина Јованова и Анастасија Зафирова. Второто место им припадна на квартетот во состав на: Дијана Јакимова, Билјана Дуева, Марија Папучиева и Ангела Зафирова и дуетот во состав на: Кире Ефтимов и Стефанија Ицовска, додека третото место го делеа дуетите во состав на: Дијана Јакимова и Марија Папучиева, Билјана Дуева и Ангела Зафирова и Ели Бојманлиева и Нина Јованова.
Извор: Општина Гевгелија