spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeВладаМаричиќ: Скринингот започна, очекувам резултат од нашата работа за правилно и брзо...

Маричиќ: Скринингот започна, очекувам резултат од нашата работа за правилно и брзо движење на земјата кон ЕУ

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска се обрати до јавноста на прес-конференција на која го објасни процесот на отпочнување на преговорите за полноправно членство на Република Северна Македонија во Европската Унија.

„Досега преземените чекори од Северна Македонија се цврста основа за подобро справување со предизвиците што ќе дојдат понатаму во процесот, сега кога преминуваме во следната фаза од нашите пристапни разговори“, рече Маричиќ, додавајќи дека скринингот е аналитичка презентација на состојбата во земјата кандидат за членство во Унијата во однос на нејзиниот степен на усогласеност со правото на ЕУ.

Според вицепремиерот Маричиќ скринингот е формална и техничка операција што ја врши Европската комисија, која е неопходна и многу важна за да добиеме јасен преглед каде стоиме и што треба да направиме во годините што следат, а со цел да станеме рамноправна земја членка на Унијата и нагласи дека скринингот ќе се состои од две фази и тоа објаснувачки, каде што Европската комисија на земјата кандидат и ги презентира клучните правни акти за секое поглавје и билатерален скрининг, каде Северна Македонија ќе го презентира степенот на усогласеност на националното законодавство, согласно презентираните акти на ЕУ за време на објаснувачките состаноци, институционалните капацитети и спроведувањето на законите.

Вицепремиерот Маричиќ  потенцираше дека со Новата методологија за пристапни преговори во 2020 година, скринингот ќе се одвива на ниво на кластери, по исполнувањето на одредниците за отворање (доколку ги има), а затвoрањето ќе биде на ниво на поглавје по исполнување на одредниците за затворање.

„Со затвoрањето на сите поглавја во еден кластер ќе се затвори и Кластерот без други дополнителни услови. Врз основа на билатералниот скрининг, Комисијата подготвува извештај за скринингот и го презентира на Советот кој одлучува за започнување на преговорите, по препорака на Комисијата“, дополни Маричиќ.

Вицепремиерот Маричиќ најави дека првиот скрининг Извештај за Кластерот „Фундаментални вредности“, го очекува во првиот квартал од 2023 година и информираше дека за овој Кластер треба да се подготват три патокази кои ќе треба да ја рефлектираат политичката заложба за спроведување на клучните стратешки реформи преку дефинирање на краткорочни и среднорочни цели.

На прес-конференцијата Маричиќ ја претстави и временската рамка во која се очекува да се реализира објаснувачкиот скрининг според поглавја заедно со билатералниот скрининг. Календарот на состаноци го дефинира Европската комисија, и врз основа на она што им било презентирано на состанокот за отворање на скринингот, како начелен календар на ЕК (кој може да претрпи одредени измени), може да се види дека ќе не очекува динамичен период, со оглед на тоа што процесот на презентирање на новото законодавство започнува од септември оваа година, а паралелно во период од околу 15 месеци ќе се одвива и билатералниот скрининг, односно Европската комисија планира овој процес да заврши до ноември 2023 година.

„Пред нас е долгорочен процес кој ќе зависи од сите нас и за кој е потребен ангажман од сите затоа што на крајот најважен ќе биде резултатот од нашата заедничка работа за правилно организирање на земјата и нејзино водење во Европската Унија“, рече Маричиќ изразувајќи верување во капацитетите на државните органи дека со силна мотивација, заложба и труд патот до полноправното членство ќе биде лесен и брз.

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

Кисела Вода: Домаќин на престижниот предизвик на FIRST LEGO League

0
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вчера го отвори интернационалниот настан FIRST LEGO League Challenge, еден од најпрестижните STEM натпревари во светот, поддржан од УНЕСКО, кој престојува...