На министерскиот состанок за образование и обука во рамки на Платформата за Западен Балкан, оваа година во фокусот беше учењето за одржливост на животната средина. Во своето обраќање министерот за образование и наука Јетон Шаќири се надоврза дека зелениот раст значи поттикнување на економскиот развој, но истовремено грижа за природните ресурси и обезбедување благосостојба на граѓаните.
„Овој предизвик бара паметни инвестиции и добра координација на сите засегнати страни од јавниот, приватниот и меѓународниот сектор. Затоа е важно образовниот систем да ги препознава потребите за зелена транзиција и да обезбедува ресурси за справување со климатските промени“, рече Шаќири.
Министерот потенцираше дека иницијативите за зелена и дигитална Европа се јасно воведени во новата Концепција за основно образование и истите ќе се отсликаат во новиот Закон за средно образование и во Концепцијата за средно. Одржливото образование, како што рече Шаќири, оди подалеку од вклучување на теми за животна средина во наставните програми.
Повеќе информации за статусот на реализација на активностите на Република Северна Македонија во делот на заштитата на животната средина и справувањето со климатските промени се наведени во Извештајот: Status of Environment and Climate in the Western Balkans, JRC Science for Policy Report, 2022, кој е достапен на следниот линк.
Извор: Министерство за образование и наука