Од страна на градоначалникот Митко Јанчев беа доделени благодарници на сите учесници во организацијата на Тиквешкиот гроздобер 2022. Во оваа прилика градоначалникот меѓу другото истакна дека ова немаше да биде можно без сите оние кои се вклучија во организацијата и на кои им благодари. Тука, прво се мисли на сите служби на Општина Кавадарци и сите институции вклучени во текот на сите три дена. Потоа на сите помагатели, поддржувачи и донатори од бизнис секторот. Винариите и угостителите кои се всушност и носители на овој настан, на медиумите кои го следеа секое случување, секој настан и информираа за тоа, и секако, најголема благодарност на кавадарчани, кои како и секогаш се покажаа не само како добри домаќини, туку и учесници, и секако благодарност до сите посетители и гости од Македонија и надвор од неа, кои изминатиот викенд го поминаа во Кавадарци.
За градоначалникот најважно беше тоа што сите три дена беше безбедно за секој и секаде и што верува дека изминатиот викенд сите ќе го помнат по добро.
Имавме успешни и исполнети три дена, културни, забавни и музички содржини. Имавме програма за сечиј вкус. Успешен карневал, гости и делегации од секаде, и секако од државниот врв. Имавме успешен Тиквешки Гроздобер рече градоначалникот. И затоа во знак на почит и благодарност, на сите кои имаа било каков придонес во испишувањето на оваа приказна под отворено небо денеска им беа врачени благодарници!
Секое добро до следниот Тиквешки гроздобер. Нека ни е за многу години!
Извор: Општина Кавадарци