spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeСтатииБесими: Со новиот Закон за буџети буџетирањето ќе биде среднорочно и врз...

Бесими: Со новиот Закон за буџети буџетирањето ќе биде среднорочно и врз основа на резултати

Буџетирањето ќе се врши според резултатите и мерењето на нивната успешност преку индикатори (Key Performance Indicators), предвидува новиот Закон за буџети, кој минатата недела беше усвоен од страна на Собранието. Буџетирањето базирано на резултати има за цел да осигури дека клучните носители на одлуки и креатори на одделни политики систематски ќе ги земат предвид резултатите што треба да се постигнат со реализација на расходите, односно најдобар начин за да се подобри креирањето политики за расходи е да се користат информациите за успешност на резултатите. Ова го пишува министерот за финансии, Фатмир Бесими во својата најнова колумна посветена на новиот Закон за буџети.

 

„Преку буџетирањето врз основа на резултати, односно успешност, ќе се подобри ефикасноста и ефективноста на јавните расходи. За да може истото да се реализира, треба јасно да се дефинираат општите цели (поврзани со политиките), специфичните цели (поврзани со одделните програми) и резултатите што се сака да се постигнат, односно индикаторите (поврзани со потпрограмите). Исто така, се утврдуваат и сумите потрошени на одредена цел – инпут индикатор. На овој начин ќе може на прегледен и транспарентен начин да се следи колку за одредена цел е потрошено и кои се резултатите по основ на истата. Очекувањата се дека ваквиот начин на планирање ќе придонесе кон фискална консолидација којашто е една од целите на фискалната политика, но и кон подобрување на реализацијата на капиталните проекти“, посочува министерот за финансии.

Со Законот за буџети се воведуваат голем број суштински промени што се однесуваат на планирање, управување и извршување со приходите и расходите, како и фискална транспарентност и отчетност. Една од главните реформи што ги носи Законот е среднорочното проектирање, односно среднорочно буџетирање и петгодишна фискална стратегија.

„Со Законот се делува во насока на подобрување на структурата и содржината на Буџетот и на управувањето со јавните финансиски и нефинансиски средства, вклучително и објавување регистар на јавни субјекти. Значаен дел од реформата е поставувањето фискални правила и фискални принципи, како и воспоставување Фискален совет кој треба да обезбеди независни и професионални анализи и мислења за макроекономските и фискалните претпоставки, за фискалната стратегија, Буџетот, извештаите за реализација на Буџетот, за фискалните ризици и слично. Во насока на зголемување на отчетноста на Владата, се воведува изјава за фискалната политика која треба да ги содржи насоките за фискалната стратегија за времетраење на мандатот. Истовремено, преку подобрување на квалитетот и квантитетот на извештаите ќе се делува кон унапредување на фискалната транспарентност. Исто така, преку интегрираниот информациски систем за управување со јавни финансии – ИФМИС ќе се овозможи подобро планирање и следење на реализацијата на приходите и на расходите во Буџетот“, пишува министерот Бесими.

Циклусот на подготовка на Буџетот се проширува со цел да се даде повеќе време за добро планирање и инклузивност во процесот на подготовка, со воведување задолжителна јавна расправа за Предлог-буџетот, пред истиот да влезе во собраниска процедура. Исто така, процесот на подготовка на Буџетот се вклопува со подготовката на тригодишната Програмата за економски реформи, којашто се разгледува од страна на Европската комисија од каде следат препораки за идните политики и реформи на земјата.

„Поставивме рамка за водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика, како и за зголемување на буџетската дисциплина и одговорност. Со новото законско решение очекуваме фискалната политика да биде насочена кон консолидација на јавните расходи, преку постепено намалување на нивото на дефицитот, како и редизајнирање на јавните расходи преку зголемени инвестиции во инфраструктурата“, истакнува Бесими.

 

 

 

 

Извор: Министерство за финансии

Прочитајте

Велес: Градежни зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“

0
Почнаа градежните зафати на улицата „Кирил Пејчиновиќ“ на Којник. Во соработка со ЈКП Дервен ќе се заменува старата дотрајана водоводна мрежа на улицата, а...