spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМТВ: Извршена прелиминарна распределба на социјалната зграда во Пробиштип

МТВ: Извршена прелиминарна распределба на социјалната зграда во Пробиштип

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и градоначалникот на општина Пробиштип, Драган Анастасов, денеска присуствуваа на прелиминарната јавна распределба на социјалната зграда во Пробиштип.

Зградата е со вкупно 48 станови, градена по Програмата за ранливи категории граѓани. Право на учество на јавниот оглас кој беше распишан преку Министерството за транспорт и врски имаа категории на граѓани кои се од социјален ризик и тоа деца без родители со навршени 18 години, корисници на загарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни непогоди, лица со попреченост или семејства со лица со попреченост, лица од социјално загрозени категории припадници на Ромската заедница и самохрани родители со малолетни деца.

„Денеска во Пробиштип ја извршивме прелиминарната распределба на социјалната зграда. Ова е пример за вистинска грижа, обезбедуваме топол дом и похумани услови за живеење на оние граѓани на кои им е тоа најпотребно.
Сакам да напоменам дека ова е само прелиминарна распределба и дека не е конечна. Во наредните денови Комисијата за распределба на социјалните станови ќе изврши увид кај семејствата, по што по завршување на теренскиот увид, ќе биде утврдена конечната листа на добитници на станови. Грижата за социјално ранливите семејства останува наш врвен приоритет и во овие услови на енергетска криза.“ – изјави министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Министерот Бочварски истакна дека социјалните станови што ќе останат нераспределени, ќе се префрлат во Комисијата за станбени прашања при Владата, каде ќе може да се доставуваат документи за нивна распределба.

Градоначалникот на општина Пробиштип, Анастасов, изјави дека ова е прва социјална зграда која се изгради во Пробиштип и дека е од огромно значење за социјално загрозените семејства од општината, бидејќи ќе им обезбеди значително подобри и похумани услови за живот. Се заблагодари на поддршката која ја добива од централната власт и истакна дека таа ќе продолжи континуирано и во периодот кој следува.

Министерот Бочварски информираше дека во текот на месец октомври ќе бидат распишани и јавните повици за распределба на социјалните згради во општините Виница и Свети Николе.

Преку Проектот за изградба и одржување на социјални станови до сега се изградени или во фаза на изградба се повеќе од 850 социјални станови. Во завршна фаза е изградбата на социјалните згради во Демир Капија, Неготино и Гевгелија, а исто така континуирано се градат социјалните станови во општина Бутел, во Велес, Кочани и во Пехчево.

 

 

 

Извор: Влада

Прочитајте

МЗ: Демири и Манолева – Здравствениот дом Охрид со реновирана Служба...

0
Министерот за здравство д-р Илир Демири и заменик министерката д-р Маја Манолева, денеска се во работна посета на Охрид, каде што ги посетуваат Здравствениот...