spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМТСП: Преку размена на искуства и пракса со Австрија, го унапредуваме згрижувањето...

МТСП: Преку размена на искуства и пракса со Австрија, го унапредуваме згрижувањето како форма на заштита на децата без родители и родителска грижа

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, Харалд Фугер, аташе при Амбасадата на Република Австрија во Република Северна Македонија и Јулијана Накова Гапо,  извршен директор на СОС Детско село Северна Македонија, со воведни обраќања ја отворија дводневната „Конференција за размена на знаења и практики помеѓу стручни лица од Австрија и Северна Македонија на тема: „Згрижување и згрижувачки семејства“, во Клубот на пратеници.

 

На конференцијата учествуваат претставници на Сојузното министерство за социјална заштита, здравство, грижа и заштита на потрошувачите на Република Австрија, Министерството за труд и социјална политика, Заводот за социјални дејности и Центрите за поддршка на згрижувачки семејства.

Министерката Тренчевска во своето обраќање истакна дека правилниот избор на формата на заштита на децата без родители и родителска грижа e клучна за обезбедување на безбедна семејна средина и планирана иднина, но и развивање на личности кои ќе треба да ја понесат одговорноста како возрасни лица подготвени за иднината.

„Секое дете заслужува топол дом и семејство кое за него се грижи! Но, за жал не секое дете ја има таа можност неговото биолошко семејство да се грижи за него. Како Влада и ресорно Министерство во чија надлежност е детската заштита, наша одговорност и сериозна задача е да обезбедиме топла семејна средина и услови за правилен психо-физички развој на децата, кои поради разни причини тоа го немаат. Бидејќи сместувањето во згрижувачко семејство како форма на заштита е најблиско до живеењето во семејството, Министерството за труд и социјална политика спроведувајќи го процесот на деинституционализација презеде низа активности за развој на оваа форма на заштита преку донесување на законски и подзаконски акти, упатства и програми за работа, како и обуки на стручните работници во насока на зголемување на бројот и квалитетот на згрижувачките семејства“, истакна Тренчевска.

Министерката се осврна и на отворањето на трите центри за поддршка на згрижувачките семејства, СОС Детско село, Детскиот дом „11 Октомври„ Скопје и Домот за доенчиња и мали деца во Битола кои  ја обезбедуваат поддршката на згрижувачките семејства на цела територија на нашата држава. Центри кои вршат промоција на услугата згрижување во семејство, подготовка, проценка и обука на идни згрижувачки како и следење и поддршка на постојните згрижувачки семејства.

Харалд Фугер, аташе за социјални прашања при амбасадата на Република Австрија, истакна дека Конвенцијата на ОН за правата на детето, склучена во 1989, ги обврзува државите-потписнички да ги промовираат правата на детето и да ги вградат основните принципи на конвенцијата во системите за грижа за деца и млади.

„Овие принципи го вклучуваат, меѓу другото, најдобриот интерес на детето како основа за сите мерки на институциите кои се однесуваат на децата и младите, задолжителното вклучување на волјата на самото дете, правото на детето да го изрази своето мислење во однос на процедурите кои се однесуваат на него и неговото право да контактира со своите биолошки родители.  Во согласност со поглавјето 23 на акито на ЕУ, земјите-членки мора да обезбедат почитување на фундаменталните права пропишани со Повелбата на ЕУ за фундаментални права, а нејзиниот член 24 ги дефинира принципите во поглед на правата на детето. Австрија ја поддржува Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ преку преку различни активности. Австриското Министерство за социјални прашања тековно финансира 13 билатерални проекти во областа на социјалата“, истакна Фугер.

Јулијана Гапо, национален директор СОС Детско село потенцираше дека грижата за децата во ризик е обврска на сите нас. СОС Детско село, и граѓанскиот сектор воопшто, е партнер на институциите во обезбедувањето подобри услуги и грижа за децата.

„Во април, СОС Детско село стана првиот приватен центар за поддршка на згрижувачките семејства, финансиран од министерството. Поддржуваме 62 згрижувачки семејства во Вардарскиот, Скопскиот и Југоисточниот регион. Неодамна ја започнавме кампањата „Подај рака, промени живот и стани згрижувач“, за да го истакнеме значењето на згрижувањето. Првите обуки за семејствата кои посакаа да станат згрижувачи се веќе во тек. Ги повикувам граѓаните да ја посетат веб-страницата www.zgrizuvanje.mk и доколку имаат можност, да променат макар еден детски живот. Така целото општество станува подобро!“, порача Гапо.

Дводневната Конференција е организирана од страна на трите вклучени страни е со цел, да се разменат искуства и пракса кои ќе придонесат за унапредување на формата на заштита на децата- згрижување во згрижувачки семејства.

 

 

 

 

Извор: Министерство за труд и социјална политика 

Прочитајте

Јегуновце: Работна посета низ повеќе населени места

0
Градоначалникот на општина Јегуновце беше на работна посета низ повеќе населени места во општина Јегуновце каде направив увид на започнати проекти: Во завршна фаза е...