Да престанат блокадите, да се обединиме државнички и до 2030 година да ја видиме Северна Македонија како рамноправна членка на ЕУ

ВладаДа престанат блокадите, да се обединиме државнички и до 2030 година да...

Најчитано

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска се обрати на настан посветен на Извештајот на Европската комисија: “На Европскиот пат: нови реформи, нови можности”, во организација на Секретаријатот за европски прашања.

Во продолжение ви го проследуваме обраќањето во целост:

„Извештајот на Европската комисија кој пред два дена ни пристигна е многу повеќе од документ. За нас, тоа е јасна верификација дека сме на добар пат и уште појасна насока на каде треба да чекориме, а чекорењето единствено е можно забрзано кон европскиот пат.

Нашата посветеност на реформите кои треба да ја трансформираат и европеизираат Северна Македонија, се пресликани во позитивните оцени на овој Извештај. Тој докажува дека реформите кои ги спроведуваме се одржливи и го нотира напредокот.

Овој извештај како ниту еден досега праќа многу јасни пораки. Првата порака е дека во нашата држава постојат 2 концепти. Едниот концепт е оној на чие чело сум јас, тоа е концептот којшто го застапувам и велам дека македонските граѓани со крената глава, со дигнитет треба да чекорат кон ЕУ и да седат на големата маса во Брисел.

Вториот концепт, којшто е нотиран во овој Извештај е концептот на блокади, на седење на мала изолирана маса, како што седевме 11 години во минатото, а притоа на народот да му велат да биде горд, сам, изолиран на мала маса тука во Македонија.

Тоа е разликата меѓу овие 2 концепти.

Вчера имав гостин од странство, висока делегација. Ми кажа една реченица – „Конечно ЕУ ве награди со преговори во јули оваа година.“ Јас и кажав – „Би ја парафразирал вашата реченица. Ние сме тие кои го спасивме образот на ЕУ.“ Зошто, затоа што како ниедна држава требаше да донесеме одлуки кои што беа тешки и кои што предизвикуваа лоши чувства кај нашите граѓани.

Јас ги делам тие чувства. Прво, ние сме единствена држава којашто за да пристапи кон ЕУ и пред тоа кон НАТО треба да го смени името на својата земја. Второ, јас бев дел од преговорите со Република Бугарија. Тие преговори за мене и за граѓаните на оваа држава предизвикуваа чувство, јас го имав тоа чувство и го делам чувството на граѓаните, како некој со нож да ви го сече стомакот. Но, на крајот на денот треба да донесете одлука, дали државата ќе оди во ЕУ, таму каде што има економски напредок, социјална правда и таму каде што има владеење на демократијата. Или ќе седите дома, сами и изолирани, раскарани со сите.

И ја донесов таа одлука. Зошто? Затоа што тие кои беа против, тие кои беа воздржани не дадоа алтернатива, која е алтернативата? Кој животен стандард го нудат? Каква иднина на новите генерации нудат? Никој не понуди таква алтернатива. Да морам пак да ја носам одлуката, пак ќе ја донесам истата одлука. И пак ќе ја донесам со истото чувство, но нема да ја носам заради себе и својата политичка кариера, туку ќе ја донесам заради идните генерации во оваа држава затоа што заслужуваат и треба да растат во ЕУ. Заедно со сите други членки на овој сојуз во кој има економски напредок, социјална правда и владеење на правото.

Сите оние кои 11 години и 5 после тоа, декларативно се за ЕУ, а сé прават тоа да не се случи, со тоа стопирање единствено се противат на поголемо владеење на правото и поголема борба против корупцијата. Тоа е единствената работа против која што се борат на крајот на денот.

Сакам да зборувам за она што треба да го направиме. Овој извештај исто така нотира многу јасно, дека во оваа држава има два концепти и од друг аспект.

Еден концепт на чие чело што сум јас којшто предлага реформски закони, којшто предлага мерки за заштита на стандардот на граѓаните, којшто деноноќно работи на обезбедување на енергија, ресурси за производство на енергија.

Втор концепт којшто ги блокира сите закони во Собранието. Ако можам да разберам еден дел од таа опозиција која што е цел ден на телефон со Русија, вториот дел не можам да го разберам.

Ги повикувам сите во Собранието да се обединиме заради иднината на оваа држава, затоа што ние што сме во пратеничките клупи, во канцелариите во Владата зависи колку брзо ќе се спроведат реформите. Јас сум убеден дека до 2030 година нашата држава може да стане членка на ЕУ, бидејќи досега 45% од европското законодавство е усогласено со нашето законодавство. Ние имаме тимови, стручњаци кои со години се во министерствата кои што знаат што треба да направат во делот на усогласување на законодавството. Не рековме дека сме најпаметни, го зедовме најискусниот преговарач кој постоеше во овој регион, главниот преговарач на Хрватска којшто беше и постојан претставник на Хрватска во ЕУ, кој беше советник на нивниот премиер сега е главен советник на нашиот главен преговарач. Ако сакате да играте во големата лига тогаш мора да имате играчи од големата лига во вашиот тим.

Затоа, без никаква самоувереност кажавме да, ќе земеме експерти кои што доаѓаат од наши пријателски држави.

Она што е пред нас, ако влеземе во Извештајот, има многу работи кои треба да ги поправиме. Не е доволно само да се направи закон, да се изгласа закон. Тој закон треба да се спроведе. Затоа, ги повикувам сите институции, особено институциите кои се во делот на владеењето на правото, кои се во делот на борбата и справувањето со криминалот и корупцијата да ги засукаат ракавите и со забрзано темпо да работат на спроведување на сé она што е нотирано во Извештајот. Зошто? Затоа што за 12 месеци ќе имаме нов извештај, ама тој извештај нема да биде само едностран попис на тоа што ние правиме. Тоа ќе биде резултат на скрининг процесот кој во моментот се одвива. Тој скрининг има 2 дела, едниот е објаснувачки во кој ЕУ ни кажува што е ново направено во европското законодавство од последниот момент кога тоа е направено од 3 години. А во вториот дел кој сега започнува, ние ќе треба да објасниме што, до каде и во која мера имаме направено во однос на усогласувањето на законодавството, меѓутоа и во однос на спроведување на тие закони.

Тоа е задача на Владата. Тоа е задача на сите политички партии во оваа држава. Не може политичка агенда да биде кочење на иднината на сопствената држава. Политичка агенда може да биде економска политика, политиката на даноци, на плати, социјална политика, ама не може да биде политика кочење на иднината на својата држава и затоа ги повикувам сите што поскоро да се обединиме и до 2030 година да ја видиме Северна Македонија како рамноправна членка на ЕУ.“

 

 

 

 

Извор: Влада

spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
https://form.jotform.com/222403480783353spot_img

Последни објави

spot_img
spot_img

Читај повеќе