Министерството за здравство со поддршка од Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД), Детскиот фонд при Обединетите нации (УНИЦЕФ) и Светската здравствена организација (СЗО) денеска го започна информативниот караван за вакцинација, кој следните осум дена ќе патува низ 24 локации низ целата земја.
Под слоганот „Заштитени заедно – вакцините делуваат“ караванот ќе пренесе информации до локалните заедници за сите редовни вакцини за деца, вакцините против сезонски грип и КОВИД-19. Тимовите за имунизација ќе патуваат со караванот, нудејќи вакцинација против КОВИД-19 на лице место.
Министерството за здравство објави дека има на располагање вакцини против (сезонски) грип, повторувајќи дека се охрабруваат лицата над 65 години и оние со ранлива здравствена состојба да го изразат својот интерес за вакцинација на веб-страницата www.vakcinacija.mk. Исто така ги охрабрува да се вакцинираат оние кои се изложени на најголем ризик од сериозни компликации од КОВИД-19.
„Вакцинацијата против сезонски грип е еден од приоритетите на Министерството за здравство во областа на превентивната здравствена заштита, со цел навремена заштита и спречување на појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. За таа цел, обезбедивме 40 илјади бесплатни вакцини, кои почнувајќи од денес може да се примаат во Центрите за јавно здравје, а во Скопје и на три пункта во поликлиниките (Идадија, Ѓорче Петров и Бит пазар). Станува збор за четиритипна вакцина против сезонски грип, од компанијата Абот од Холандија. Бесплатната вакцинација против сезонски грип е незадолжителна, а е наменета за: постари лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години. Симболично, со овој караван за вакцинација, кој го почнуваме денес, заеднички праќаме порака за важноста на вакцинацијата. Потсетуваме дека граѓаните од ризичните групи може да се пријават за бесплатна вакцинација преку страницата: vakcinacija.mk.“, изјави министерот за здравство д-р Беким Сали.
Повеќе од два века вакцините им помагаат на луѓето да останат здрави – почнувајќи од првата вакцина за заштита од големи сипаници, па сѐ до најновите вакцини што се користат за спречување тешки случаи на КОВИД-19. Оттогаш, семејствата и заедниците веруваат дека вакцините овозможуваат заштита за сите – од новороденчиња до повозрасни лица.
„Вакцините се меѓу највлијателните научни иновации на сите времиња, кои помагаат да се заштитат генерации и генерации на луѓе од заразни болести во текот на нивниот живот. Со повеќе од 200 години истражување, светска соработка и ригорозни тестирања, се постигна успех во развивањето на безбедни и ефективни вакцини за повеќе од 25 болести. Со пандемијата КОВИД-19, сите одблиску ги видовме загубата, стравот и несигурноста што ја придружуваа појавата на болеста. Благодарение на вакцините против КОВИД-19 и на вакцините против сезонски грип, ние имаме алатки за заштита на нашите најблиски.“, рече г-ѓа Џери Дибле, директор на мисијата на УСАИД.
„Вакцините делуваат, ги штитат децата, возрасните и заедниците. Тие спасиле повеќе животи од кој било друг изум во историјата на човештвото. Ова е факт. Во последните 60 секунди, редовните вакцини за деца, спасиле уште пет детски животи. Благодарение на високите стапки на вакцинација во минатото, денешните родителите имале среќа да пораснат без да видат како членови од семејството или пријателите умираат или страдаат од доживотна попреченост поради болести, како што се сипаници или детска парализа. Иронично, токму ова стана една од причините зошто некои веруваат дека болестите што може да се спречат со вакцини повеќе не претставуваат закана. Но, не можеме самите да го земеме ова здраво за готово. Апелираме до семејствата да се информираат и да не го одложуваат вакцинирањето на нивните деца. Кога го вакцинирате вашето дете, го штитите него, другите деца и вашата заедница“, рече Патриција ДиЏовани, претставник на УНИЦЕФ.
КОВИД-19 и грипот се многу заразни респираторни вируси и имаат многу слични симптоми, како што се кашлица, треска и отежнато дишење. Иако и двете болести можат да предизвикаат сериозно заболување, сепак за разлика од грипот, КОВИД-19, особено кај оние кои не биле вакцинирани и/или не биле претходно заразени, е поверојатно да доведе до здравствени компликации, болничко лекување и во некои случаи и смрт, затоа е важно да се тестирате и вакцинирате против двете болести.
„Не сме таму каде што бевме пред една година – пандемијата се менува, но сè уште не е завршена. Со приближувањето на ладната сезона, КОВИД-19 и грипот се враќаат во нашите животи. Треба да останеме внимателни и да продолжиме да практикуваме нешта кои знаеме дека нѐ штитат, вклучително и вакцинацијата. Знаеме дека вакцините се безбедни и ефикасни. Покрај намалувањето на ризикот од сериозно заболување и смрт од КОВИД-19, вакцината може да ги ублажи и долготрајните последици кои се јавуваат по прележување на вирусот (продолжен КОВИД-19) . Ова е уште една причина да се вакцинирате. СЗО ги охрабрува сите што ги исполнуваат условите за вакцинација против КОВИД-19 да ги примат сите дози на вакцината која спасува животи, вклучувајќи и дополнителна „бустер“ доза кога ќе биде понудена. Бидете безбедни. Вакцинирајте се“, рече д-р Ане Јохансен, специјален претставник и шеф на канцеларија за в.и. на СЗО во Северна Македонија.
Редовните вакцини кои се даваат во текот на детството, вакцини против сезонски грип и вакцини против КОВИД-19 се достапни низ сите здравствени домови и пунктови за вакцинација низ државата [Адреси на здравствени домови – Министерство за Здравство (zdravstvo.gov.mk)], а вакцинацијата е достапна секој работен ден.
Караванот почна денес во Куманово, Черкези и Старо Нагоричани, и ќе продолжи во следните недели на следните локации:
- 20 октомври: плоштад Струмица [10:00-12:00 часот]; Ново Село, пред болница [12:30-14:30] и Василево, пред Дом на културата [15:00-17:00 часот]
- 21 октомври: Велес, пред Театар [10:00-12:00 часот]; Чашка, општински плоштад [12:30-14:30]; и Бузалково, кај општината [15:00-17:00 часот]
- 22 октомври: Прилеп, пред Стара чаршија [10:00-12:00 часот]; Долнени, пред општина [12:30-14:30]; и Кривогаштани, пред општина [15:00-17:00 часот]
- 23 октомври: Битола, плоштад „Саат Кула“ [10:00-12:00 часот]; Новаци, кај пазарот „Шик“ [12:30-14:30]; и Могила, [15:00-17:00 часот]
- 24 октомври: Охрид, плоштад „Крушевска Република“ [10:00-12:00 часот]; Мешеишта, кај полигонот (Полигон) [12:30-14:30]; и Косел [15:00-17:00 часот]
- 25 октомври: плоштад Тетово [10:00-12:00 часот]; Боговиње, пред општина [12:30-14:30]; и Теарце, училиштен двор ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ [15:00-17:00 часот]
- 26 октомври: Плоштад Скопје [10:00-12:00 часот]; Сарај, пред ОУ „Дитурија“ [12:30-14:30]; и Ракотинци, пред општина [15:00-17:00 часот]
Извор: Министерство за здравство