„Без разлика колку години имаат жените и колку се убедени дека тоа ним не може да им се случи-треба да практикуваат редовни прегледи-ехо и мамографија, бидејќи раното откривање на малигните промени на дојка се најдобрата основа за да се продолжи квалитетот на животот!“ Ова е порака која беше денеска испратена од настанот под наслов „Со розово за женското здравје“ со цел подигнување на свеста за ракот на дојка и промовирање на редовните прегледи, настан во организација на КЕМ на Општина Делчево со поддршка ЈЛБ „Илинден“, а по повод месецот на борба против ракот на дојка и светскиот ден на менопаузата.
Како што истакна заменик-координаторката за еднакви можности, Даниела Такева, во Делчево има многу успешни приказни.
-Има жени оперирани од рак на дојка пред 10, 15, 20 години, а денес имаат нормален квалитет на животот. За да бидете дел од ова семејство-одете на прегледи. КЕМ заедно со вас, ќе ги руши бариерите, но првиот чекор е на жената да оди редовно на прегледи, порача Такева.
Претседателката на КЕМ, Јасмина Ќурчиска, посочи дека на иницијатива на КЕМ во Делчево и со поддршка на Здравствениот дом, во Делчево за прв пат пред седум месеци е востановен редовен термин за ехо на дојка.
– Денес жените од Делчево можат да направат ехопреглед на дојка во Здравствениот дом, а мамографски рпеглед во М. Каменица што значи дека жените од нашиот град без многу малтретирање и без поголеми трошоци, можат да ги направат основните прегледи дома, нешто што не беше возможно претходниот период. Останува уште, свеста кај жените. Секоја да размисли за сопственото здравје и да врши редовни прегледи, истакна Ќурчиска.
За седум месеци во Здравстевниот дом се направени околу 250 прегледи, а е дијагностициран рак на дојка кај 3 пациентки, додека кај 25 се дијагностицирани бенигни промени.
-Ракот на дојката е најчесто малигно заболување кај жената и најчеста причина за смрт. Во Р.С.Македонија годишно има околу 750 новодијагностицирани случаи, а бројот на починати на годишно ниво е 293. Со комбинација на ехо преглед и мамографија се постигнува точност во дијагнозата од 98%, со што дијагностицирањето во раната фаза и правилното лекување водат до 90% излекување од карцином на дојката, порача спец.д-р Андријана Илиевска-Велковски и додаде дека е задоволна од интересот кај жените во Делчево за прегледи, но ако има потреба ќе се дозволат и повеќе прегледи за ехо на дојка.
Директорката на ЈЛБ „Илинден“, Билјана Петровска, потсети дека секоја 14 жена со рак на дојка е под 40 години, податок што треба да нè загрижи.
–Ракот на дојката е болест за која не смее да се молчи и боласт која не смее да се игнорира. Затоа се вклучуваме во оваа акција со цел да придонесеме за одбележување на месецот за борба против ракот на дојката. Со тоа сакаме да ја подигнеме свеста за оваа болест и да ги поттикнеме жените редовно да прават прегледи, рече Петровска.
На настанот беа поделени информативни флаери, розови машнички, а жените кои имаа потреба можеа да разговарат со спец. д-р Андријата Илиевска-Велковски.
Извор: Општина Делчево