Министерството за локална самоуправа во 2022 година финансираше 14 локални проекти од буџетската Програма за намалување на диспаритетите помеѓу и во планските региони и за зголемување на конкурентноста, во вкупна вредност од 95 335 840 денари. Преку оваа програма се финансираше изградбата на новиот затворен пазар во општина Кисела Вода. Вкупната вредност на проектот е 13 милиони денари, од кои 9,8 милиони денари се обезбедени од буџетот на државата преку Министерството за локална самоуправа, со што граѓаните на општина Кисела Вода добија модерен и безбеден простор за продажба и за снабдување со прехранбени производи.
Од оваа буџетска програма на Министерството за локална самоуправа со 11 милиони денари се финансира и изградба на пат во општина Василево, во општина Босилово се финансира изградба на бетонски одводен канал во с. Моноспитово во вредност од 4 милиони денари, во општина Карбинци се санира мост на реката Брегалница со 5.8 милиони деари, во општина Демир Хисар е набавена механизација за чистење на пат, во Битола се поддржува развојот на велосипедски туризам, во Охрид развој на спортски туризам, во општина Кривогаштани зачувување на културното наследство, во општина Македонски Брод изградба на канал за одведување на отпадни води, во Струмица изградба на дом на култура во с. Куклиш, во Штип се подобруваат условите за почист и помодерен град.
Се финансираат проекти кои што биле доставени до Министерството за локална самоуправа по објавениот јавен повик на почетокот на годината и кои што имаат комплетна документација и ги исполнуваат критериумите за финансирање.
Веќе на почетокот на наредната година ќе биде објавен нов јавен повик за финансирање на проекти од буџетската Програма за намалување на диспаритетите помеѓу и во планските региони и за зголемување на конкурентноста за 2023 година, на кој што можат да се јават општини, граѓански организации, установи и други непрофитни субјекти со проекти кои што имаат влијание на развојот на општината и на планскиот регион.
Извор: Министерство за локална самоуправа