Заменик министерката за животна средина и просторно плaнирање Христина Оџаклиеска, имаше работна средба со градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски, на која се разговараше за имплементирање на мерки и активности кои ќе помогнат за подобрување на состојбата со отпадот во Малешевијата, за расположливоста на човечките ресурси и стручни служби и можностите за финансирање, преку соодветни програми на МЖСПП, со цел понатамошен забрзан развој на општината.
Притоа, заменик министерката Оџаклиеска истакна дека Министерството за животна средина и просторно плaнирање ќе даде конкретна поддршка при дефинирање и имплементација на квалитетни и одржливи мерки и активности за унапредување на постојната состојба со отпадот на локално ниво во општина Берово, во согласност со Планот за управување со отпадот во РСМ, 2021-2031 година, што, меѓу другото, ќе придонесе и за подобрување на можностите за развој на еко-туризмот во регионот.
Оџаклиеска и Пекевски на средбата дискутираа и за минатогодишното прогласување на дел од Малешево за заштитено подрачје во категорија V – Заштитен предел, што резултира со зголемување на бројот на понудени локални туристички содржини во Малешевијата и придонесува за директен економски бенефит за граѓаните преку одржливото управување и заштитата на регионот како чиста еколошка средина.
Извор: Министерство за животна средина и просторно планирање