Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска оствари средба со хрватската амбасадорка во земјава, Нивес Тигањ, на која се разговараше соработката помеѓу двете земји, но и за евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија.
Вицепремиерката Грковска изрази благодарност за поддршката која Република Хрватска и ја дава на нашата држава во процесот на преговорите со Европската Унија, особено за експертската поддршка, имајќи го предвид искуството на Хрватска низ овие процеси.
Вицепремиерката Грковска информираше дека нејзиниот Кабинет го координира процесот на дигитална трансформација на општеството и нагласи дека во моментов фокусот е особено на издавање на електронска лична карта и на законот за архивско работење. Истовремено, додаде таа, се реализира и координацијата на институциите што се надлежни за справување со корупцијата, со цел да овозможат брзи и ефикасни реформи и имплементирање на антикорупциски политики.
Амбасадорката Тигањ истакна дека Хрватска е наш голем поддржувач и нагласи дека стојат на располагање за експертска поддршка во текот на преговарачкиот процес.
Соговорничките изразија взаемно задоволство од односот кој двете држави го имаат кон малцинствата од Северна Македонија и од Хрватска.
Извор: Влада