Заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска имаше средба со постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Грегоријан, со кого разговараше за унапредување на меѓусебната соработка.
Вицепремиерката Грковска се заблагодари на поддршката што УНДП ја дава, особено во делот на унапредување на ефикасноста на институциите, како и имплементацијата на принципите за добро владеење.
Таа го информираше постојаниот претставник Грегоријан за тековните активности на нејзиниот Кабинет кои се однесуваат на антикорупциските политики, дигиталната трансформација на општеството, како и професионални, одговорни и отчетни институции.
Постојаниот претставник на УНДП Грегоријан ја информираше вицепремиерката за плановите на УНДП во наредниот период кои се однесуваат на поддршка на жените во политиката, како и за влијанието на климатските промени врз позицијата на жената.
Исто така тој информираше и за улогата на УНДП во подготовката на активностите што се преземаат за одбележување на 60 годишнината од земјотресот во Скопје.
Вицепремиерката Грковска нагласи дека одржливиот и инклузивен економски и социјален развој, климатските активности и одговорно демократско владеење се целосно во согласност со националните приоритети за развој на државата и за полноправно членство во Европската Унија.
Извор: Влада