Филозофскиот факултет во Скопје организираше панел дискусија на тема „Менталното здравје на младите и социјалните медиуми“, на која покрај деканот на факултетот проф. д-р Ратко Дуев, се обратија и шефицата на Кабинетот на Министерството за труд и социјална политика, Нашата Димеска, заменик претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов и Јованка Брајовиќ Григоријевиќ од УНФПА.
Од страна на проф. д-р Софија Ѓоргиевска од Филозофскиот факултет, која ја водеше панел дискусијата беше истакнато значењето на менталното здравје кај младите и организирањето на јавни панел дискусии каде се овозможува да се слушнат младите и нивните мислења, ставови и предизвици и се искористат за понатамошно унапредување на состојбата со менталното здравје.
Во име на Министерството за труд и социјална политика зборуваше шефицата на Кабинетот, Наташа Димеска која зборуваше за влијанието на социјалните медиуми врз менталното здравје на младите. Притоа се осврна на искуствата од пандемијата кога единствен начин на комуникација беше сведен на социјалните мрежи, како и создавањето на социјална исклученост.
„Социјалните мрежи, покрај нивната забавна содржина за која се првично креирани, станаа искривено огледало за тоа како треба еден млад човек да изгледа, како да се облекува, како да зборува и како да мисли. И се што не е во согласност со стандардите поставени таму, создава чувства на неприпаѓање, на осаменост, чувства на фрустрации кои потоа можат да предизвикаат и посериозни состојби кои се одразуваат на менталното здравје на младиот човек,“ истакна Димеска.
Таа се осврна на создавањето на зависност од социјалните медиуми како предизвик на денешницата. Секако неизбежни се објавите, чекирањето и кратките видеа. Па така, дигитализацијата со својата прогресивна сила на осовременување на општествата, со себе ги носи и искривената реалност т.е нереалност, живеењето во интернет просторот и социјален живот на социјални мрежи, на штета на реалниот живот, директната комуникација и социјализација во живо.
Таа потсети дека изминатиот месец март, Министерството ја реализираше кампањата: „Гласна и храбра“, која го имаше во фокус менталното здравје и економското зајакнување на жените. Во текот на оваа кампања, се реализираа бројни средби и панел дискусии на кои учество земаа различни профили на луѓе, кои дадоа свој инпут, раскажувајќи ги своите искуства и упатија силни пораки и апели за значењето на менталното здравје.
„Се реализираа голем број на средби со различни целни групи, меѓу кои и со младите. Зборувавме за тоа кои се нивните лични искуства, потреби, визии и идејни решенија за предизвиците со кои се соочуваат. Зборувавме и за влијанието на социјалните медиуми врз менталното здравје на младите,“ истакна Димеска.
Она што е многу важно, потенцираше Димеска, е свесноста за влијанието на социјалните медиуми врз менталното здравје особено на младите. А таа свесност можеме да ја подигнеме на повисоко ниво доколку јавно зборуваме за овој предизвик на денешното современо време и свесно ги поставиме границите за нивно делување. Промените започнуваат од секој од нас, а заедно сите ние започнувајќи од семејството, па институциите, граѓанскиот и меѓународниот сектор, да делуваме во градењето на генерации кои ќе ги препознаваат вистинските вредности, генерации со самопочит, самодоверба, силни и независни,“ порача Димеска.
Во текот на денешниот настан учествуваа претставници од меѓународните агенции во земјава, доктори, професори, експерти и студенти.