Премиерот Талат Џафери во интервју за „Дојче Веле“ изјави дека не се исклучуваат комуникациите со сите чинители кои можат да го олеснат процесот со патните исправи.
„Ние прво треба да преземеме мерки и активности кои се во наша надлежност и одговорност. Не се исклучуваат комуникациите со сите чинители кои можат да го олеснат процесот. Но, прво ние треба да одговориме на нашите обврски овде, за да ги спроведеме нашите обврски. Тоа што не може да се доврши е предмет на размислување и по тој пат да се искомуницираат сите фактори кои можат да влијаат на средување на оваа состојба, да се исполнат обврските во соодветен рок, време, процедура за да обезбедиме функционалност на сите потреби на луѓето“, изјави премиерот Талат Џафери на прашањето дали како Влада ќе се преземат мерки да се олесни состојба со патните исправи, дури и во комуникација со Грција.
На прашањето дали на 12 февруари Република Северна Македонија, Владата има обврска да го информира светот дека тие патни исправи повеќе не важат, премиерот Џафери потенцираше дека тоа се меѓународни норми и прописи кои се во надлежност на Министерството за надворешни работи, но истакна дека ќе се направат соодветни консултации на ниво на Владата, консултации со меѓународните институции и после извршените консултации ќе се има и конечна одлука дали ќе се пристапи или нема кон таа процедура да се спроведе или не.
Во однос на прашањето дали ќе се средат состојбите наскоро и дали ќе се забрза процедурата со пасошите, премиерот Џафери одговори дека она што е надлежност на Владата, ќе се регулира со соодветни одлуки, но понатаму, како што посочи премиерот, одлуките треба оперативно да ги спроведат соодветните институции.
„Оваа работа не зависи само од министерот, од премиерот или Владата. Ова е конгломерат на обврски од последниот вработен долу во Министерството за внатрешни работи до последниот вработен во Владата и таа работа мора да е искоординирана. Тоа е систем кој има хиерархија и треба да функционира. Тоа е систем на субординација во институциите“, изјави премиерот Џафери.
Извор: Влада