Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, учествуваше на „Балканскиот интегративен форум 2024“ (BIF2024), кој од 12-ти до 14-ти септември 2024 година, се одржува во Подгорица, Црна Гора.
На панелот со тема „Политички и технички преглед на процесот на интеграции во ЕУ на секоја од земјите на Западен Балкан“, министерот Муртезани се осврна на комплексниот евроинтегративен пат, кој има огромно политичко и економско значење за Западен Балкан.
„Овој процес, кој ја поврзува иднината на нашиот регион со визијата за обединета Европа, не е само бирократска вежба на исполнување зададени обврски; туку е чисто политички потфат. Претставува егзистенцијален избор, кој има за цел да ги преструктуира општествата, да поттикне стабилност и да ги вгради начелата на демократијата, владеењето на правото и заедничкиот просперитет во ткивото на нашите нации.“ – нагласи Муртезани.
Во продолжение следува говорот на Министерот Муртезани:
“Почитувани колеги, почитувани гости, дами и господа,
Чест е да се биде овде денес, во Подгорица, каде што се состанавме да поразговараме за сложениот пат на европската интеграција, пат кој има огромно политичко и економско значење за Западен Балкан. Овој процес, кој ја поврзува иднината на нашиот регион со визијата за обединета Европа, не е само бирократска вежба на исполнување зададени обврски; туку е чисто политички потфат. Претставува егзистенцијален избор, кој има за цел да ги преструктуира општествата, да поттикне стабилност и да ги вгради начелата на демократијата, владеењето на правото и заедничкиот просперитет во ткивото на нашите нации.
Западен Балкан, а особено Северна Македонија, долго време се на патот кон целта за европската интеграција. Како политичари, наша задача е да ги насочуваме нашите народи кон иднина што ги надминува историските предизвици и ја прифаќа колективната европска судбина. Во својот главен говор на Бледскиот стратешки форум, претседателката Урсула фон дер Лајен истакна: „Во ерата на геостратешки ривалства, поголема Европска Унија ни дава посилен глас во светот“. Оваа визија истакнува зошто целта на Северна Македонија за полноправно членство во ЕУ е толку важна. Нејзиниот реизбор за претседател на Комисијата сигнализира дека проширувањето на ЕУ останува главен приоритет, не само за нашиот регион, туку и за земјите како Украина, Молдавија и Грузија.
Во исто време, мора да признаеме дека процесот на пристапување не е без препреки. Предизвиците за решавањето на билатералните спорови и обезбедувањето на целосно спроведување на реформите се реални. Сепак, јас цврсто верувам дека самиот процес на интеграција е моќен двигател на трансформација. Техничките пресвртници, како што е усогласувањето на нашите закони со правото на ЕУ, служат како алатки за промени кои ја водат нашата земја кон поголема демократија, просперитет и стабилност. Исто така, ги поздравуваме Планот за раст и Инструментот за реформа и раст како клучни алатки за поттикнување на реформите и економскиот развој, кои ѝ се потребни на нашата земја за да биде успешна во рамките на ЕУ.
Нашето патување се одликува со невидена истрајност. Северна Македонија е непобитен доказ за издржливоста на земја која постојано ја докажува својата цврста посветеност на европскиот проект. Сепак, продолжуваме да се соочуваме со чекање на неопределено време, сè уште заглавени во чекалната на ЕУ. Овој долг и напорен процес ги тестира не само нашите институции, туку и издржливоста на нашиот народ. Онаму каде што некогаш постоеше огромен ентузијазам за европска интеграција, сега сме сведоци на растечки замор, чувство на разочарување што може да ги поткопа самите темели на нашиот европски сон. Долготрајниот процес на нашето пристапување, за жал, ја затемни светлината на крајот од тунелот за многу граѓани, кои сè повеќе се прашуваат дали ветувањето за членство во ЕУ е остварливо. За Северна Македонија, а всушност и
за Западен Балкан, Европската Унија не смее да претставува засекогаш далечна, неостварлива цел, туку достижна реалност.
Гледајќи кон иднината, претстојното унгарско претседателство со Советот на ЕУ, од јули до декември 2024 година, претставува важна можност. Со оглед на тоа што проширувањето е клучен приоритет на унгарското претседателство, остануваме оптимисти дека тоа може да претставува обновен поттик во нашиот процес. Со нетрпение очекувам да се сретнам со унгарскиот министер за европски прашања во Будимпешта следната недела за да разговараме за тоа како можеме да ја искористиме оваа можност за постигнување заедничка корист.
Нашето усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, правото на ЕУ и европските вредности беше сеопфатно и вистинско. Постојано покажуваме дека не сме само пасивни аспиранти, туку и активни придонесувачи за стабилноста и безбедноста на Европа.
Како и да е, разбираме дека ова е патување на постојано подобрување, а не брза трка. Процесот на пристапување заснован на заслуги, иако е ригорозен, гарантира дека откако ќе пристигнеме пред портите на ЕУ, тоа ќе го направиме како целосно подготвени и еднакви партнери. Сепак, политичката реалност е дека времето е од суштинско значење. Колку подолго се одолговлекува процесот, толку нашите општества стануваат поранливи на алтернативни влијанија кои се спротивни на начелата на демократијата и владеењето на правото што ги поддржува Европската Унија. Од стратешки интерес на ЕУ е да осигури Западен Балкан да не ја загуби вербата во европскиот проект.
На крајот, интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија не е само прашање на политичка сообразност или техничка усогласеност. Тоа е морален императив – посветеност на мирот, на демократијата и на иднината на нашите граѓани. Северна Македонија ќе продолжи одлучно да чекори по овој пат, но време е Европската Унија да нè пресретне на половина пат, да ја врати вербата на нашиот народ и да се погрижи визијата за обединета Европа да опстои и да биде достижна.
Ви благодарам.”