spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeСамостојни органиСамостојни државни органиАХВ: Домаќин на 23 состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска...

АХВ: Домаќин на 23 состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) беше домаќин на 23 состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите, која на вчера и денес се одржа во Охрид. На првиот ден од дводневниот состанок присуствуваше и Љупчо Димовски, заменик Претседател на Владата на Република Северна Македонија задолжен за политички систем.


Презентирана беше актуелната состојба со болеста африканска чума кај свињите во Европа и регионот, мерките кои се преземаат за нејзино ставање под контрола и искоренување, меѓудржавната соработка на надлежните ветеринарни служби, лабораториите и експертите како и активностите кои се реализираат во рамки на регионалниот проект „Регионална акција на ЕУ за искоренување на болести кај животните во Западен Балкан – 2“, кој е финансиран од Европската унија.

1

– Се заблагодарувам на Европската комисија и Генералниот Директорат за здравје и безбедност на храна на ЕУ, Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации, Светската организација за здравствена заштита на животните и на Постојаната експертска група за болеста африканска свинска чума во Европа, која функционира под покровителство на  Глобалната рамка за прогресивна контрола на болестите на животните – GF TADS, за целокупната досегашна плодна соработка во координирањето и на институциите и помошта од експертите, за споделувањето на информациите за  навремено преземање мерки за превенција и справување и ставање под контрола на болеста африканска чума кај свињите во Република Северна Македонија. Состојбата со заразните болести кај животните во земјава моментално е стабилна, но таа мора  континуирано да се следи и постојано и активно да се работи на спречување на појава на нови жаришта – истакна директорот на АХВ, Оливер Миланов.

Остануваме исправени пред предизвикот заедно да се бориме во справување со вирусот кој е погубен за свињарството и чие ширење веќе предизвика сериозни економски загуби во оваа стопанска гранка, кај нас, во регионот, но и европски и светски рамки, додаде тој во обраќањето пред присутните учесници на состанокот, потенцирајќи дека преку споделување на највисоките европски и светски стандарди во справувањето со болеста, сите вклучени во системот за борба против африканската чума кај свињите, на овој состанок ќе разменат и стекнат нови знаења и практики за справување со болеста. 

2

Миланов упати апел да се вложат максимални напори за да се стави болеста под контрола и да се искорени, како што истакна, во интерес на бизнисот, економијата на државите и граѓаните како потрошувачи. 

– Верувам дека приоритет на секоја земја во борбата со африканската чума кај свињите ќе останат меѓуинституционалната и реагионалната соработка, спроведувањето на засилени контроли на границите, едукацијата на одгледувачите на свињи и граѓаните болеста, опасноста од неа и начините како да се спречи нејзината појава и ширење како и зајакнување на надзорот, но пред се – подигнување на уште повисоко ниво на биосигурносните мерки на фармите, унапредување на ловните практики и управувањето со дивите свињи, заклучи Миланов во обраќањето.

Во однос на состојбата со болеста во нашата држава, предавање одржаа стручни лица од Агенцијата за храна и ветеринарство кои истакнаа дека последниот евидентиран случај  на болеста африканска чума кај свињите кај питомата популација годинава е евидентиран во август во пехчевското село Панчарево, утврден при нелегално отстранување на угината домашна свиња.

Во 2024 година имаше 3 жаришта на болеста, кај 2 некомерцијални одгледувалишта и последниот случај во пехчевско. Во 2023 година  беа 17, а во 2022 година кога се појави болеста, евидентирани беа 43 жаришта. Угинати или убиени и нештетно отстранети се  13.263 свињи. Од појавата на вирусот кај домашните свињи во 63 евидентирани жаришта, во рамки на активниот и пасивниот надзор, досега, објаснето беше во презентацијата, лабораториски тестирани се 7.914 свињи. Кај дивата популација свињи евидентирано е зголемување на бројот на позитивни случаи. Во првото полугодие од 2024 година потврдени се 245 случаи на болеста, во однос на  163 случаи во 2023 и 37 случаи во 2022 година.

3

Будимир Плавшиќ, претставник на Регионалната канцеларија за Европа на Светската организација за здравствена заштита на животните – WOAH, рече дека предизвикот наметнат со појавата и ширењето на африканската чума кај свињите е навистина голем  и порача националните агенции за заразни болести фокусот да го стават врз ветеринарна контрола, превенција и биосигурноста на фармите. Како клучна мерка тој ја посочи потребата од контрола на дивите животни, за што е неопходен координиран пристап со сите субјекти надлежни за контрола на дивечот, како во ловиштата така и надвор од нив.

– Реалноста е таква што болеста е тука, таа се шири полека и континуирано, така што треба да сме свесни дека во отсуство на вакцина вирусот не може да се искорени на друг начин освен преку депопулација и преку контрола на дивите животни. Агенциите во сите држави во регионот работат посветено и интензивно на проблематиката и реагираат координирано, фокусирано и кај популацијата на домашните и кај дивите свињи, истакна Плавшиќ.

Тони Киранџиски, тим-лидер на Регионалниот проект за контрола на заразни болести кај животните во Западен  Балкан, истакна дека преку проектот финансиран од ЕУ се помагаат државите од регионот за во однос на превенција, надзор и контрола на болестите од А-категорија што брзо се шират.

– За справување со болестите пред се за африканската чума кај свињите, исклучително е важна прекугранината соработка, оттаму што истата се шири најмногу преку дивите животни – потенцира Киранџиски.

Професорот Игор Џаџовски од Факултетот за Ветеринарна медицина од Скопје, по однос африканската чума кај свињите рече дека кај нас од појавата на првиот случај во 2022 година болеста добро е исконтролирана, со достигнато  високо ниво на биосигурносни мерки на поголемите фарми каде се спроведува индустриско производство.

– Но, болеста е присутна кај дивите свињи и тоа е голем проблем што тешко се решава, особено што дивите животни не познаваат граници и слободно мигрираат. Зголемената популација на дивите свињи и големата отпорност на вирусот е предизвикот со кој се соочуваме и ние и регионот – рече тој. 

5

На дводневниот состанок на Постојаната експертска група з болеста африканска чума кај свињите учествуваа високи претставници на Европската Комисија (ЕК), Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации – ФАО, Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), реномирани експерти за болеста африканска чума кај свињите и претставници од ветеринарните служби од Русија, Украина, Молдавија, Естонија, Полска, Латвија Литванија, Германија, Шведска, Чешка, Словачка, Унгарија,Романија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија и Италија. 

Извор: Агенција за храна и ветеринарство

Прочитајте

Кои се работните позиции во Администрацијата и колкава нето плата им...

0
За сите вработени во администрацијата и целата јавност – Javnaadministracija.mk ги објавува работните позиции согласно систематизацијата на работни места во јавната администрација на Северна Македонија. Дополнително, за секоја...