Советот на Општина Гевгелијa ја одржa својата 47. седница, на којашто, врз основа на верификацијата на мандатот на новиот член на Советот, ја разреши Слаѓана Стаменковска и ја именуваше Ивана Чабулева во неколкуте постојани Комисии на Советот на Општина Гевгелија. Исто така, Советот на Општина Гевгелија именуваше нов претседател и нови членови на Комисијата за утврдување предлози за доделување на Општинската награда „Седми ноември“. Се донесе и Одлуката за подигање на спомен-обележје – скулптура на Илија Џаџев, како и за формирање Иницијативен одбор за подигање на скулптурата. Имено, од областа на урбанизмот, на 47. седница, Советот ја прифати Иницијативата за изработка на Урбанистички проект вон опфат на Урбанистички план за КП бр.837, КП бр.835, КП бр.838/4 и дел од КП бр.842 КО Ново Конско, општина Гевгелија со намена Е1.13 – Површински соларни и фотоволтаични електрани.
Советот ги усвои измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година, а потоа, согласно ребалансот, и измените и дополнувањата на Општинската програма за уредување на градежното земјиште во општина Гевгелија за 2024 година и Финансиските планови за работа на образовните, културните институции и Детската градинка ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија за 2024 година. Дадени се согласности за зголемување на бројот на деца во групите во ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија за 2024/2025 година и утврдување на работното време во установата за згрижување и деца од предучилишна возраст. Исто така, усвоени се и Годишниот извештај за работа за учебната 2023/2024 и Годишната програма за работа на СОУ „Јосифо Јосифовски“- Гевгелија за учебната 2024/2025 година. Од ТППЕ- Гевгелија, на 47. седница на Советот на Општина Гевгелија беше изнесена информација за состојбата со пожарите што го зафатија подрачјето на општина Гевгелија во летниот период, а градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, одговараше на советнички прашања.
Исто така, со Одлука на Советот се прифати поднесената иницијатива од страна на советничката група на СДСМ за одделување средства од Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година – за набавка на 230 садници во училиштата за секое прваче, кои ќе ги посадат во дворовите на училиштата или јавните зелени површини.
Извор: Општина Гевгелија