Од 17-ти до 19-ти септември 2024 година, членовите на ДКСК, г-ѓа Билјана Каракашова Шулев и г-ѓа Софија Спасова Медарска, учествуваа на Пленарниот состанок и 29-тиот состанок на Управниот одбор на ОЕЦД Антикорупциска мрежа за земјите од Источна Европа и Централна Азија (OECD Anti-Corruption Network ), во Париз, Франција.
Во рамки на настанот се одржа и 23-тиот состанок за мониторинг на Истанбулскиот Акционен План при што беа разгледани и усвоени извештаите од 5-тиот круг од мониторингот на Казахстан, Киргистан, Монголија, Таџикистан и Узбекистан. По презентацијата на нацрт – извештаите за секоја од споменатите држави, заради појаснување и дополнување на наодите на мониторинг тимовите, државите репортери (rapporteur countries) поставуваа дополнителни прашања. Република Северна Македонија имаше активно учество во разгледувањето на нацрт мониторинг извештајот за Узбекистан, конкретно во делот за Интегритетот во правосудството.
Во текот на 29-тиот состанок на Управниот Одбор на АЦН, беа презентирани прелиминарните резултати од пилот проектот „Регионален дијалог за антикорупциски политики и интегритет во бизнис секторот“ . Г-ѓа Билјана Каракашова Шулев го презентираше процесот на донесување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси, со акционен план за нејзино спроведување. Презентацијата беше фокусирана на транспарентноста и инклузивноста на процесот, проценката на ризиците од корупција според донесена методологија, како и на начинот на следење на степенот на имплементација на предвидените мерки и активности.