spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМЗШВ: Трипуновски - Продолжуваме 100 % целосно посветени, одговорно и домаќински да...

МЗШВ: Трипуновски – Продолжуваме 100 % целосно посветени, одговорно и домаќински да работиме во интерес на сите земјоделци

Почитувани претставници на медиумите,

Почитувани граѓани,

100 дена посветено работевме и покажавме дека може и мора да се работи исклучиво во интерес на македонските земјоделци.

За жал, на почетокот морам да констатирам дека Министерството беше целосно девастирано, во долгови, неисплатени плати, заостанати субвенции, целосно закочени проекти, но и сериозни сомнежи за криминал од претходното раководство. Со еден збор наследив хаос и тотално безредие.

Но, изговори не смее да има. Ниту земјоделците, ниту граѓаните не смеат и не се должни да ги слушаат оправдувањата. Нашата обврска е да работиме за подобрување на работите.

Ние се обврзавме на целосна трансформација на државата и целосно ресетирање на системот и конечно ставање на институциите во функција на земјоделците.

Ова е Влада на земјоделците, и наш приоритет е да покажеме и докажеме дека земјоделците се нашиот партнер и заедно ќе ги креираме сите земјоделски политики.

Токму затоа на првите владини седници донесовме одлука за исплата на повеќе од 600 милиони денари за заостанати субвенции од минатото, а во годината која што ќе следи ќе се исплаќаат и заостанатите и ќе продолжиме со редовно сервисирање на тековните субвенции.

Проблем со кој се соочивме на самиот почеток беа и заостанатите плати на ЈП Национални шуми, и вработените во АД Водостопанство, каде што имаше неисплатени за 4 месечни плати. И претходната власт ги остави повеќе од 3.000 вработени во овие две институции без животна егзистенција. И затоа со ребалансот на Буџетот се обезбедија 350 милиони денари и истите средства беа префрлени до институциите и платите беа експресно исплатени.

Лошите политики на претходниот министер, Македонија ја направија увозно-зависна од храна.

Земјоделците беа демотивирани од откупните цени и од негрижата на минатата власт. Земјоделските производи завршуваа на буниште!

Над 600 милиони денари се исплатија за останати субвенции  во делот на:

•        растително производство;

•        сточарско производство;

•        заостанати субвенции за произведено и предадено винско грозје во регистрирани капацитети за производство на вино

•        заостанати субвенции за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко.

Со оваа прва транша на исплата беа опфатени над 15 илјади земјоделци.

Но, тука не застануваме, со ребаланс на Буџетот, се обезбедија и дополнителни над една милијарда денари за исплата на заостанатите субвенции од изминатите години.

Изминативе години Министерството беше затворено за земјоделците, па затоа во овој период се заложив и започнавме со отворање на подрачни единици и подрачни канцеларии ширум Република Македонија, бидејќи Министерството треба да е поблиску и да им служи на земјоделците.

•    Отворивме подрачни единици во Ново Село и во Јегуновце.

•    Подрачна канцеларија во Босилово.

И тука нема да застанеме, Министерството ќе го отвориме во секоја рурална општина и ќе има подрачна единица или подрачна канцеларија за да бидат земјоделците поблиску до Министерството.

И тука не застануваме.

На 28 корисници односно за 67 ловишта се поделија договори за одгледување и заштита, со што ја подобруваме состојбата во делот на ловиштата во државата.

Доделивме 56 договори за поддршка на локални настани и саеми во износ од над 6 милиони денари.

За разлика од претходно, сега земјоделското земјиште се дава на вистинските земјоделци за производство на храна. Со што за првите 100 дена склучивме вкупно 967 договори за закуп на државно земјоделско земјиште со вкупна површина од околу 2.700 ха.

Се склучија 2 договори за порибување на Охридско езеро. Со ова се овозможува да се обезбеди подмладок и порибување на Охридското езеро со охридската пастрмка. Ова е една од најзначајните мерки за зачувување на овој вид, со што ја истакнуваме важноста на нашето национално богатство – охридската пастрмка.

Поделивме 493 милиони денари за зелена нафта кон македонските земјоделци. Работиме исто така на подобрување на оваа мерка со цел истата да биде поефективна, а земјоделците да бидат позадоволни.

Конечно после 7 години, цената на откуп на земјоделските производи ја договараат земјоделците и откупните центри. За разлика од претходната власт кога откупувачите ја креираа цената, а земјоделците беа приморани своите земјоделски производи да ги продаваат по ниски откупни цени.

Како за пример, за прв пат оваа година имаме утврдена откупна цена за двете најзастапени вински сорти грозје тоа е Вранец и Смедеревка. Бележиме рекордни откупни цени за овие две сорти, каде што за Вранецот е постигната цена од 20,8 денари, додека за Смедеревката откупна цена е 18,3 денари за килограм.

Договорена е откупна цена за изминатиов период за црвената пиперка и за македонското јаболко. Во тек е креирање и на откупна цена за реколтата 2024 за културата ориз.

Ги завршивме и ги доделивме првите договори за ИПАРД 3 програмата.  За мерка 1 се потпишаа 118 договори, а за мерка 7 се потпишани 50-тина договори. Во тек е објава за претходна најава за објавување на претстојниот повик за мерката 7 од ИПАРД програмата.

Донесовме одлука на Влада за двојно повисоки субвенции за хектар јачмен од 6.000 на 12.000 денари.

Преку Програма за изменување и дополнување на

Програмата за интервентен фонд, се обезбедија дополнителни 3 денари за предадена килограм пченица. Оваа мерка важи за предадена килограм пченица во откупни регистрирани центри. Со ова сакаме да стимулираме и поголемо производство на оваа многу важна стратешка култура за наредната година.

Исто така наш приоритет беше ставање во функција на Шумската полиција во служба на институциите. Со што се извршени многу контроли на територијата на Република Македонија. При контролите запленета е поголема количина на дрвна маса, камиони, трактори и други материјали кои што служеле за бесправна сеча на македонските шуми. Контролата на Шумската полиција ќе продолжи и во наредниот период се со цел да се стави крај на пустошењето на македонските шуми.

Почитувани граѓани,

100 дена се мал период за да покажеме на земјоделците дека Владата е насочена кон решавање на нивните проблеми. Но за овие 100 дена решивме многу проблеми кои биле наталожени од претходното раководство.

И тука нема да застанеме. Се обврзуваме на трансформација и враќање на достоинството на македонските земјоделци.

Македонија е земјоделска држава, а земјоделците заслужуваат многу поголем почит и достоинство.

Мојот фокус остануваат барањата на земјоделците, како и обезбедување на подобар и поквалитетен живот.

Продолжуваме целосно посветени, одговорно и домаќински да работиме во интерес на сите земјоделци,

100 проценти сме посветени за работата кон македонските земјоделци.

Извор: Влада

Прочитајте