spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeСамостојни органиСамостојни државни органиАХВ: Потврден нов случај на птичји грип, на сила и решение за...

АХВ: Потврден нов случај на птичји грип, на сила и решение за заштитни мерки за болеста син јазик

Со  лабораториски наод  од Националниот институт  за храна  и ветеринарство при Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје (ФВМ) од 28.10.2024 година, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), потврди нов случај на болеста високо патогена авијарна инфлуенца H5N1 (птичји грип) кај 1 угината дива птица – гуска во резиденцијалниот комплекс Свети Јован во скопско Злокуќани. Направено е лабораториско тестирање на 2 живи птици (лебеди) кај кои не е утврдено присуство на вирусот. Денес се преземаат мерки за заловување на другите птици во комплексот, кај кои ќе се врши лабораториско тестирање за утврдување на присуство на болеста. 

АХВ донесе решение за прогласување на болеста и нареди спроведување на заштитни и контролни мерки, со цел спречување на ширење и сузбивање на оваа зооноза – убивање и нештетно отстранување на затекнати диви птици на локацијата, освен птиците кои се чуваат во затворен простор и од кои се земаат мостри за лабораториско тестирање за утврдување на присуство на птичји грип,  наредено е спроведување на дезинфекција на одгледувалиштето, забрането е движење на живина и други птици во и од одгледувалиштето без одобрение на официјален ветеринар.

Покрај овие мерки наредено е и затворање на живината/птиците во нивните одгледувалишта, земање на мостри од угинати птици за утврдување на присуство на вирусот, забрана за одржување на саеми, изложби, пазари и други собири на живина или птици од наведеното епизотиолошко подрачје. 

Задолжително е пријавувањето на  промени во здравствената состојба и зголемена смртност на живината и дивите птици, до надлежен официјален ветеринар, како и примена на биосигурносни мерки при спроведување на сите активности на одгледувалиштето. 
Болеста најчесто се шири преку птиците преселници кои се сметаат за нејзин резервоар. Се работи за зооноза од која првенствено заболуваат птиците, но и луѓето и затоа АХВ  апелира на внимателност и преземање на заштитни мерки  за категориите на лица кои се изложени на ризик (близок контакт со заразени птици или во високо контаминирана средина).

ХВ донесе решение и за воведување заштитни мерки  во однос на болеста син јазик кај говеда овци и кози, на целата територија на земјава, по лабораториска потврда на присуство на болеста во две одгледувалишта во Демир Капија. Таму од 190 животни, угинати се 7, а десеттина се со клиничка слика карактеристична за оваа болест и зголемена телесна температура.


Станува збор за болеста која задолжително се пријавува. Луѓето не заболуваат. Болеста Син јазик е неконтагиозно вирусно заболување кај домашните и дивите преживари. Претежно се јавува кај овците, но, заболуваат и говедата, козите, биволи, кај антилопите, елените, срните и камилите. Се пренесува преку инсекти (комарци) од видот Culicoides. Болеста не се пренесува од животно на животно. Векторите се заразуваат со вирусот по цицање крв од инфицирано животно. 

До донесеното решение,  забрането е движење на сите преживни животи во и од одгледувалиштето најмалку 30 дена по последниот случај на болеста,  спроведување на епидемиолошко испитување во заразеното одгледувалиште за утврдување на можниот извор на инфекцијата, местата на присутност и распространетост на векторот ( преносителот), преземање мерки за спроведување на редовна дезинсекција на заразените одгледувалишта најмалку еднаш неделно, како и третман на животните со репеленти. Хумано убивање на заболените животни со тешка клиничка слика ќе се врши по налог на официјален ветеринар, по претходно мислење од доктор по ветеринарна медицина од надлежното ветеринарно друштво.


Задолжително е пријавување на секој сомнеж на болеста и угинување на животните до овластените ветеринарни друштва, односно до официјалниот ветеринар. Сточарите имаат обврска за поставување на мрежи за заштита од инсекти на прозорците на фармите, секојдневно чистење на одгледувалиштата и заштита со најлонска фолија на  исчистеното ѓубре и простирката, отстранување на местата каде има заостаната вода, а кои се подобни за размножувцање на векторите како и забрана за напасување на добитокот во временски период од 17 до 9 часот наутро, кога нивната активност е најголема. 

На целата територија на земјава се забранува движење на сите преживни животни – говеда, овци и кози во и од одгледувалиште, освен ако животните се упатуваат во кланица, а се  забранува и работа на добиточните пазари, изложби или друг вид настани за сите видови преживни животни.

Извор: Агенција за храна и ветеринарство

Прочитајте