Денеска, министерот за јавна администрација, Горан Минчев, се обрати на иницијалниот состанок на Координативното тело за управување со квалитет, каде што учествуваа претставници од SIGMA, Европскиот институт за јавна администрација (EIPA), Регионалното училиште за јавна администрација (РЕСПА), како и членови на Координативното тело.
Во своето обраќање, министерот Минчев ја истакна важноста на управувањето со квалитет како темел за современа, ефикасна и одговорна јавна администрација. Тој нагласи дека воведувањето на системите за управување со квалитет, како што се CAF и ISSO, отвора нови можности за јакнење на институционалните капацитети, поставување јасни цели и визии, како и за подобрување на услугите за граѓаните и бизнисите.
Министерот, исто така, ја изрази својата загриженост за ниската реализација на активностите предвидени во Националниот план за 2023-2025 и Стратегијата за реформа на јавната администрација 2023-2030. Тој ги повика членовите на Координативното тело на сериозен пристап и активно учество во нивната имплементација.
„Само преку заедничка работа на сите јавни институции можеме да го трансформираме јавниот сектор и да ја зголемиме довербата на граѓаните во институциите,“ – изјави министерот Минчев.
На крајот, тој ги охрабри присутните да продолжат со посветеност и да го поддржат Координативното тело како столб на напорите за подобрување на квалитетот во јавниот сектор.
Состанокот беше оценет како важен чекор во поставувањето на основата за ново поглавје во управувањето со квалитет во јавниот сектор на Република Македонија.