Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, денес изврши увид во градежните активности што се одвиваат во централното основно училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“.
Се изведуваат работи на целосна промена на подовите во училниците на површина од 270 м², како и замена на оштетените внатрешни врати. Овие активности се дел од напорите за модернизација и унапредување на образовната инфраструктура во општината.
„Со овие инвестиции, се грижиме да обезбедиме современи и безбедни услови за учење. Ова не се само градежни зафати, туку вложување во иднината на нашите деца и нивниот квалитет на образование. Нашата цел е да обезбедиме простор каде што децата ќе можат да учат и растат во најдобри услови“, изјави градоначалникот Стојкоски.
Со овие активности, училиштето не само што добива нов изглед, туку создава функционален и инспиративен простор за учениците.
Општина Ѓорче Петров продолжува со инвестирање во образовната инфраструктура со цел подобрување на условите за образование на учениците во сите училишта во општината.
Во истото училиште, Општина Ѓорче Петров неодамна заврши два големи инфраструктурни проекти за подобрување на условите за физичко образование и спорт – реконструкција на игралиштето за фудбал на трева, како и за баскет на тартан подлога.



Извор: Општина Ѓорче Петров