Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски изврши увид во завршните активности за изградба на првиот затворен спортски објект во населбата Пинтија. Салата која има површина од околу 350 м2, е лоцирана во рамките на ПОУ „Рајко Жинзифов“, каде што со години наназад наставата по физичко образование се одвиваше во несоодветни и супстандардни услови. Во моментов се поставуваат панели и прозорци, додека следната фаза вклучува поставување на електричната инсталација. Градежните активности се одвиваат според предвидениот динамички план, а до крајот на февруари салата ќе биде целосно завршена и ставена на користење на учениците.-Ова е првпат населбата Пинтија да добие затворен спортски објект, што е од огромно значење за нашите деца.

Со оваа инвестиција вложуваме во нивниот физички развој, спортски потенцијал и здрав живот. Рамномерниот развој на општината е наш приоритет, а преку изградба на спортска инфраструктура обезбедуваме подобри услови за учениците и младите. Оваа сала е дел од нашата визија за унапредување на животниот квалитет во Кисела Вода.Подигнувањето на стандардите во образованието е столб на нашето работење, а тоа го докажуваме со бројни инвестиции во обнова на училишната инфраструктура, со посебен акцент на спортот. Не само во Пинтија, туку и во сите останати населби во општината, работиме на создавање на модерни и функционални училишни простори, со цел да обезбедиме подобри услови за образовниот процес и правилен развој на младите- изјави градоначалникот Ѓорѓиевски додавајќи дека Општина Кисела Вода и во претстојниот период ќе продолжи со реализација на проекти кои значат подобрување на условите за образование и спорт, следејќи ја визијата за создавање здрави генерации и подобар животен стандард за сите граѓани.
Извор: Општина Кисела Вода