Со тркалезната маса „Европскиот концепт за јазична разновидност во денешната реалност ̶ состојба и предизвици во Република Северна Македонија“, Агенцијата за примена на јазикот се вклучи во одбележувањето на 26 септември ̶ Европскиот ден на јазиците, на која присуствуваа претставници на амбасади на европските земји, домашни институции и невладиниот сектор.
Директорот на Агенцијата за примена на јазикот, Илбер Села, во својот поздравен говор истакна дека почитувањето на концептот на јазична разновидност е особено важно во мултикултурно, повеќејазично општество како нашето и, несомнено, придонесува за зајакнување на меѓусебното разбирање меѓу етничките заедници, како и за унапредување на кохезијата и меѓуетничкото дејствување. „Затоа мислам дека овој концепт треба постојано да се негува и да се одржува“, рече директорот И.Села, потсетувајќи дека донесувањето на Законот за употреба на јазиците во 2019 година, е чекор напред во реализацијата на напорите за зајакнување на демократските процеси, гарантирајќи ги јазичните права на граѓаните и унапредувањето на повеќејазичниот карактер на општеството.
Анке Холштајн зборуваше за своите искуства со ситуациите во коишто се нашла додека била со години ангажирана во Брисел. Во однос на употребата на јазиците, таа нагласи дека во принципите и идеите на ЕУ е разновидноста, единството и гаранцијата за употреба на јазикот за секого и можност за пристап до официјалните документи на ЕУ и на оние што се преведени на сите јазици што се зборуваат во ЕУ. Во тој контекст, таа ја спомена позицијата на англискиот и на францускиот јазик како клучни во безбедносните политики, но и на другите помали јазици во телата на ЕУ. Холштајн зборуваше за преводот како процес во рамките на ЕУ и тешкотиите со кои се соочила за време на нејзината работа во институциите на ЕУ, како дел од германската делегација. Таа, исто така, се осврна на германските искуства, на официјалниот германски јазик, на малцинските јазици и проблемот со вклучувањето на имигрантите коишто во своите семејства продолжуваат да го зборуваат само мајчиниот јазик, а не учат германски. Според неа, секој којшто доаѓа во Германија и сака да живее таму мора да научи и германски јазик.
Лусиен Аегертер, заменик-шеф на Мисијата и заменик-шеф за соработка во Амбасадата на Швајцарската Конфедерација во РСМ, го започна својот говор велејќи дека јазичната разновидност е суштинска вредност на швајцарскиот идентитет. „Швајцарија и Северна Македонија имаат многу заедничко, да се биде повеќејазична земја е во центарот на нашето силно пријателство. Двете држави ја држат на високо ниво и ја штитат разновидноста на јазиците, и како такви, нашите две земји имаат многу заедничко и можат да споделат ставови и искуства“, рече тој. Тој понатаму спомена дека германскиот јазик го зборуваат 63%, францускиот 23%, италијанскиот јазик 8% и реторомански половина процент од населението. За Швајцарија, разновидноста на јазиците значи дека сите услуги на централната власт се обезбедуваат на сите три главни јазици (ретороманскиот има посебен статус). Ова значи дека условот за вработување во администрацијата на централната власт е течно познавање на најмалку два национални јазика и пасивно познавање на третиот.
Со други зборови, јазичното мнозинство, исто така, треба да има одредено знаење за малцинскиот јазик, а не само спротивното, рече г. Аегертер.
Еран Куртиш, директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, зборуваше за улогата на Агенцијата за заштита на заедниците со помалку од 20 проценти застапеност и Законот за употреба на јазиците.
Исмаил Демировиќ, советник во Управата за развој и унапредување на образованието на јазиците на заедниците рече дека главната цел на јазикот е луѓето да разменуваат мисли, знаења и идеи, додека науката што се занимава со јазични истражувања е лингвистиката.
Ана Попова Манасиевска, претседател на Здружението на преведувачи и толкувачи (МАТА) рече дека Европскиот ден на јазиците е добра причина да се зборува за јазиците и дека мора да продолжиме да ја подобруваме нивната употреба, да живееме заедно.
Ветон Зеколи, извршен директор на Нансен дијалог центарот ̶ Скопје, потсети дека во светот се зборуваат 6000-7000 различни јазици, со коишто јазичната разновидност е видлива на секој агол на Земјата, што треба да се препознае како неисцрпно богатство.
Правото на изразување на мајчин јазик и правото на образование на мајчин јазик, рече тој, се универзални права што не треба да се прекршуваат, додека игнорирањето води кон несакани конфликти што радикално влијаат на мултиетничко и на повеќејазично општество.
Фатмир Исени, директор на Инспекторатот за употреба на јазиците, рече дека РСМ, како земја со културна, верска и јазична разновидност, креира и спроведува политики што ги развиваат вредностите на единство и меѓуетничка вера.