Балканот помеѓу европската интеграција и регионалната соработка
Интеграцијата на Балканскиот регион и земјите од неговото опкружување во големото семејство на Европската унија е сеуште недовршена приказна. Приказна која наликува на долг, непрегледен пат исполнет со бројни пречки пред стигнување до крајот на тој пат. Патот којшто го поплочи таткото на модерната ЕУ, Роберт Шуман, сеуште чека да биде изоден од земјите на Балканот.
Денес, Европската унија е најмоќниот облик на здружување и интеграција со пазар од oколу 500 милиони жители со голема апсорпциона моќ, што е резултат на бројноста на населението и на високиот доход по глава на жител.
Наспроти тоа, земјите од Балканот оставени сами на себе се мали, неконкурентни, со просечен доход и животен стандард кој значително заостанува зад европскиот просек и со технолошко ниво на развој кое не може да биде конкурентно со нивото на земјите-членки на ЕУ.
Водени од логиката на економските факти, треба да се има предвид и фактот дека освен економски придобивки, интеграцијата во Европската унија обезбедува мир, сигурност, поголема безбедност за своите граѓани, поголем степен на почитување на човековите права, владеење на правото, со истовремено почитување на општествените различности.
Живееме во време кога светот забрзано се менува, се менува ЕУ,
се менува Балканот, се менува и Република Северна Македонија. Ситуацијата е комплексна, глобалните кризи и кризите со кои се соочува ЕУ се веќе константа, политичките чинители водени од интересите на граѓаните и нивната долгорочна визија треба да ги насочуваат политичките одлуки на вистинската страна од историјата. По тие одлуки ќе ги ценат
идните генерации – дали донеле вистински одлуки во вистинскиот момент.
Во денешниот историски момент и геополитичка констелација, за Република Северна Македонија друга алтернатива освен целосна евроатланска интеграција нема. За ваквата проевропска ориентација постои значајна поддршка од нашите граѓани од сите етнички и верски заедници која нè обврзува да истраеме на евроатланскиот пат.
Сите Балкански земји со заеднички напори и сили, водени од крајната цел за европска интеграција, можат преку разните форми и иницијативи за засилена регионална соработка да го забрзаат процесот на подобрување на животот на нивните граѓани и достигнување на европските стандарди, но регионалната соработка не може да претставува замена за целосната европска интеграција.
Политиката на проширување е најдобриот начин за постигнување напредок и обединување на европскиот континент. Јас во тоа цврсто верувам и сум убеден дека процесот на проширување нема да биде завршен без целосно интегрирање на сите земји од Западниот Балкан во Европската унија.