ЕУ перспективата на РС Македонија, актуелните состојби со случувањата во Украина и енегетската криза и влијанието врз глобалната економија беа теми на средбата на министерот за финансии Фатмир Бесими со амбасадорот на Кралството Шпанија во земјава Хосе Луис Лозано Гарсија.
На средбата министерот истакна дека РС Македонија будно ги следи случувањата во глобални рамки кои се дестабилизирани од состојбата во Украина и кои се чувствуваат во сите земји, вклучително и во нашата. Во тој контекст потенцира дека како и досега максимално одговорно Владата регира за заштита на домашната економија и стандардот на граѓаните.
„Стоковите резерви се на соодветно ниво, буџетот е ликвиден и има средства да реагираме доколку се појави потреба. Дополнително имаме и инструменти што може да ги ставиме на располагање со цел да се приспособиме на условите на големи нарушувања на пазарот, рече министерот Бесими.
Во однос на ЕУ перспективата на земјата, министерот потенцира на ставот дека РС Македонија нема друга алтернатива и останува посветена на продолжување на патот кон ЕУ. Изрази благодарност за поддршката што ја добиваме од Кралството Шпанија на тој пат и истакна дека очекува Претседателството на Франција да остане на патот на продолжување на напорите за отворање на пристапнтите преговори на РС Македонија за членство во ЕУ.
Исто така, беше истакнато на средбата дека земјата останува посветена на имплементирање на реформите што заеднички се договорени со ЕУ во рамки на Програмата за економски реформи, како и искористувањето на инвестициските можности од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан и обезбедување одржлив економски раст. Вредноста на Интервентниот инвестициски план за перидоот 2021-2027 е 8,2 милијарди евра од кои 5,8 милијарди евра се јавни инвестиции, додека 2,4 милијарди се од приватни инвеститори. Можности за спроведување на овој План стојат на располагање во Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан. Приоритет, во контекст на енергетската криза, се проекти за зголемување на производство на електрична енергија од домашни капацитети, како и поголема енергетска ефикасност.
Во 2021 година и покрај се уште присутното влијание од здравствената криза предизвикана од Ковид 19, домашната економија закрепна во согласност со очекуваната динамика. Во оваа година проектиран е раст од 4,6 % пред се базиран на раст на инвестициите, но на кој се очекува влијание да има драстично променетата состојба од украинската криза. Позитивни се сигналите од меѓународните инститиуции дека европската економија ќе остане со позитивни стапки на раст.Прогнозата за просечните стапки на економски раст во периодот 2022-2026 година е 5,4%, поттикната од домашната побарувачка.
ЕУ е наш најголем трговски партнер. Со земјите преку склучената Спогодба за стабилизација и асоцијација е воспоставена слободна трговија и голем дел од индустриските производи се без царина. Со Шпанија развмената во 2021 година забележа раст од 26,8 %, додека во јануари 2022 година, во однос на јануари 2021 година растот е 38,8 %. Во трговската размена со Шпанија бележиме суфицит.
Извор: Министерство за финансии