„Министерството за финансии ја препозна важноста на потребата од градење и зајакнување на капацитетите во сметководството и финансиското известување во јавниот сектор и презеде активна улога преку спроведување обука и меѓународно сертифицирање на сметководителите од јавниот сектор во Република Северна Македонија“, истакна заменик-министерот за финансии, Филип Николоски на настанот по повод отпочнување на проектот „Обука за сертифицирање на сметководителите во јавниот сектор за второ ниво – диплома“.
Заменик-министерот Николоски потенцира дека зајакнувањето на капацитетите на сметководителите и на финансиското известување во јавниот сектор е една од стратешките цели на реформата во управувањето со јавните финансии.
Во таа насока, согласно планираните реформи во областа на буџетското сметководство, а кои се планирани во периодот 2022-2023 година, расходите, наместо во моментот на плаќање, ќе се евидентираат во моментот на настанување на деловниот настан во извештајниот период, а приходите и понатаму ќе се признаваат во моментот на наплатата. Истото ќе се овозможи преку замена на готовинското начело со т.н. модифицирано готовинско начело. Овој концепт на евиденција ќе овозможи пореално и поажурно следење на неподмирените обврски кај буџетските корисници и ќе се имплементира во системот на државниот трезор преку имплементацијата на новиот Информациски систем за управување со финансиите.
Реформата на сметководствената професија ќе опфати задолжителна обука и полагање испит за сертифицирање на сметководителите во јавниот сектор. Од таа причина, Министерството за финансии ја продолжува соработката со ЦЕФ во областа на обуката и сертифицирањето на сметководителите.
На вчерашниот настан, покрај заменик-министерот Николоски се обратија и амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркуш, ополномоштената министерка при амбасадата на Словенија, Татјана Ковачиќ, директорката на ЦЕФ, Јана Репаншек, како и меѓународниот советник при Овластениот институт за јавни финансии (CIPFA), Томазо Скали.
Проектот „Обука за сертифицирање на сметководителите во јавниот сектор“ е поддржан од Министерството за финансии, Центарот за развој во областа на финансиите како и од CIPFA, а е финансиран од Министерството за финансии на Република Словачка и Министерството за надворешни работи на Република Словенија. Со обуката ќе бидат опфатени до 20 кандидати коишто во претходните циклуси добиле сертификат за сметководители во јавниот сектор за прво ниво.
На настанот присуствуваше и државниот секретар на Министерството за финансии, Јелена Таст.
Извор: Министерство за финансии