spot_imgspot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
spot_img
HomeМинистерстваМОН: Започна полагањето на државната матура во учебната 2021-2022 година, ДИЦ и...

МОН: Започна полагањето на државната матура во учебната 2021-2022 година, ДИЦ и МОН најавуваат изработка на нова Концепција за полагање од идната учебна година

По идентичен концепт како и минатата година, денеска започна полагањето на државната матура за учебната 2021-2022. Речиси 16 илјади ученици го полагаат првиот од двата предвидени екстерни предмети – мајчин јазик, откако претходно ги полагаа двата интерни предмети и изработија проектна задача. Проширување има само на листата со интерни предмети за учениците од средното стручно образование поради тоа што годинава се воведени нови образовни профили. Почетокот на процесот го означија министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска кои го посетија СУГС „Панче Караѓозов“ и им посакаа успех на сите матуранти.

„Денеска започнува полагањето на државната матура како чин на формализација и заокружување на средното образование. На сите ученици им посакувам успех и одлични резултати кои ќе бидат потврда на стекнатото знаење за време на четиригодишното средно образование кое понатаму ќе го применуваат при работата на соодветно работно место доколку се одлучат веднаш по средното училиште да се вклучат на пазарот на трудот или пак, ќе им биде добра основа за понатамошна академска надградба“, рече министерот Шаќири.

Тој изрази очекувања дека полагањето ќе помине во најдобар ред, затоа што, како што истакна процесот на сите им е добро познат, имајќи предвид дека државната матура се спроведува од 2007 година и секогаш, во секоја учебна година подготвителните активности започнуваат навремено, а учениците се запознаени со тоа што ќе биде материја за полагање.

„Оваа година, како што знаете имавме период во кој наставата не се реализираше, тоа беше во месец април вкупно 12 наставни денови, поради што нема прашања од материјалот што требаше да се предава во тој период, со што се елиминира ризикот дека некој ученик би можел да биде оштетен“, потенцираше министерот.

Шаќири информираше дека Државниот испитен центар кој е институција надлежна за спроведување на државната матура, заедно со МОН преку јавна дебата ќе креираат нова концепција за државна матура која треба да предвиди три вида на државна матура, зависно од видот на образование – гимназиско, стручно и уметничко. Овој процес ќе биде транспарентен и со учество на сите засегнати страни, а првенствено учениците, раководствата и наставниците од средните училишта, експертската јавност и претставници на академската фела.

Успех во полагањето на матурантите им посака и директорката на Државниот испитен центар, Елизабета Наумовска.

Таа рече дека оваа учебна година за државната матура се имаат пријавено точно 15899 матуранти. Од нив 7135 од гимназиско образование, 8504 од средно стручно образование и 260 од средно уметничко образование. Македонски јазик и литература полагаат 11071 кандидат, албански јазик и литература 4306, а 313 турски јазик и литература.

Информираше и дека следното полагање е на 13 јуни. Ќе се полага англиски, германски, француски и руски јазик, математика, естетика и филозофија. Англиски јазик пријавени се да полагаат 14328 матуранти, германски јазик 118, француски јазик 31, руски јазик 10, математика 1235, филозофија 15 и естетика 100 матуранти.

Резултатите се објавуваат најдоцна 30 дена од последниот екстерен испит, односно до 12 јули.

Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани и околу 2000 наставници како тестатори и околу 300 набљудувачи.

 

Извор: Министерство за образование и наука 

Прочитајте

Карпош: Две образовни институции се збратимија со основното училиште „Драго Миловиќ“...

0
Градоначалниците на збратимените општини Карпош и Тиват, Стевчо Јакимовски и Жељко Комненовиќ, вчера потпишаа меморандум за соработка во областа на образованието. Станува збор за...