Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, заедно со вицепремиерот Бојан Маричиќ и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска се сретнаа со потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Шинас. Тема на состанокот беше зајакнувањето на капацитетите на земјата за надминување на предизвиците со илегалната миграција, но и скрининг процес што и претстои на земјата.
На состанокот беше истакнато дека Република Северна Македонија останува посветена на управување на сите релевантни аспекти на надворешните миграции. Имајќи ги предвид миграциските текови и нивното влијание врз демографскиот и социо-економскиот развој, Република Северна Македонија со години неуморно и посветено работи со цел успешно справување со миграциската криза.
Премиерот Ковачевски на состанокот посочи дека заедно со европски партнери како и други земји од Западен Балкан, успеавме, најдобро што можеме, да се справиме со миграцијата.
Од декември 2015 година па наваму на јужната граница континуирано се имплементира меѓународна заедничка операција во која учествуваат странски полициски службеници од 8 европски земји.
Со потпишувањето на Договорот со ФРОНТЕКС, кој се очекува да биде потпишан во најкраток временски рок, ќе се отвори можноста за распоредување на сили на ФРОНТЕКС на територијата на Република Северна Македонија, што уште повеќе би придонело во поглед на успешното справување со нелегалната миграција.
Извор: Влада