Агенција за вработување: Презентација на Оперативниот план за вработување 2019- Поддршка за самовработување, раст на плати и нови работни места, обуки за побарувани занимања и занаети, за дигитални вештини, поддршка за вработување на лица со попреченост – шанса за сите!

Денеска во малата сала во Филхармонија се одржа панел дискусија помеѓу владини претставници на институциите, претставници на бизнис заедницата и корисниците на мерките на којашто се презентираше Оперативниот план за вработување за 2019.

Во рамки на овој настан Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите Нации во нашата држава, Нарине Сахакиан заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска имаа свои воведни обраќања.

„Годинава како и лани Оперативниот план ги опфаќа поединците и компаниите, нуди силна поддршка за самовработување, но и за отворање нови работни места, раст на платите, како и поддршка за вработување на лица со попреченост, обуки за побарувани занимања и занаети, за дигитални вештини. Оперативниот план за вработување е шанса за сите! Секој да може да најде работа и да го реализира сопствениот талент, потенцијал или дар што го поседува. И за оние кои имаат образование, а се без работа, да се прилагодат на новоностанатите услови и побарувања и да се активираат на пазарот на трудот, и за оние кои немаат образование да ги стекнат потребните вештини преку обуки и пракса“,  нагласи премиерот Заев. 

На настанот се обрати и постојаната претставничка на Програмата за развој на Обединетите Нации во нашата земја, Нарине Сахакиан којашто зборуваше за  постигнатите успеси и резултати и важноста од воспоставената соработка со Владата на Република Северна Македонија во процесот на креирање на нови квалитетни работни места преку Оперативниот план за вработување кој значително придонесува за намалување на невработеноста во нашата држава.

„Согласно принципите на Одржливите цели за развој, ќе продолжиме да работиме на тоа никој да не биде изоставен – младите, лицата со попреченост и најранливите граѓани. Благодарение на подготвеноста и посветеноста на Владата да одвои нови средства за поголемо отворање на пазарот на трудот, заедно поставивме амбициозни цели – да се понуди шанса за сите во 2019“, порача претставничката на Програмата за развој на Обединетите Нации во нашата земја, Нарине Сахакиан.

Вицепремиерот Анѓушев во своето обраќање истакна дека Владата внимателно ги слушаше потребите на компаниите и граѓаните и како резултат на тоа е креиран е кохерентен оперативен план за 20919 година насловен „Шанса за сите“. Оперативниот план содржи шеснаесет мерки, поделени во три групи. Првата група мерки се насочени кон младите лица за формирање на сопствени компании односно да се самовработуваат, додека со втората група мерки се овозможува, преку процес на преквалификација и обука, компаниите да вработуваат невработени лица, а голем дел од средствата потребни за овој процес ќе бидат на терет на Владата. Последната група мерки е насочена кон стекнување на знаења од информатичка технологија, бидејќи ИТ индустријата има голем потенцијал за раст.
 
„Охрабрувачки за Владата беше фактот дека минатата година, преку спроведување на Оперативниот план и преку други мерки се добија значителни резултати. Невработеноста падна за 1,3% или ако го земете тоа во споредба со 20% колку што изнесува невработеноста, тоа е значителен намалување. Минатата година се креирани околу 7.370 нови вработувања, од кои најголем дел, над 6.000 се во рамките на приватниот фактор, што е особено важно, бидејќи таму практично луѓето се вработуваат во реалната економија, што е движечка сила на одржливата економија на долг рок. Она што е поважно, само врз база на мерките од Оперативниот план, вработени се 3.934 граѓани во Република Северна Македонија. Очекуваме оваа бројка годинава да биде поголема, и овој сет на оперативни мерки да има многу сериозен импакт врз економијата и врз намалувањето на миграцијата на младите луѓе од Северна Македонија“, нагласи вицепремиерот Анѓушев во своето воведно излагање.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска во своето обраќање информираше дека на процесот на подготовка му претходеше широк процес на консултации и дека оваа година е обезбеден значително повисок износ на средства за разлика од претходно.

„Ова беше многу важно затоа што програмите кои се имплементираат треба да ги поддржат невработените лица за полесно да се вклучат на пазарот на трудот согласно нивните потреби и потребите на пазарот на трудот. Пред неколку години буџетот на Оперативниот план за вработување изнесуваше 8 милиони евра, а сега изнесува над 20 милиони евра. За прв пат оваа година меѓународните пари се ставаат на едно место. Посебен акцент за прв пат оваа година ќе се стави на процесот на активација на корисниците на социјална помош преку психосоцијална поддршка да се вклучат во програмите, мерките за вработување и услугите на пазарот на трудот содржани во Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на труд за 2019 година“ соопшти министерката Царовска.

Министерката Царовска рече дека имајќи во предвид дека Гаранцијата на млади ги надмина очекувањата, истата оваа година ќе се имплементира на територијата на целата држава во рамките на што се планира да се опфатат околу 9.500 невработени млади лица кои во период од 4 месеци по евиденцијата во Агенцијата за вработување ќе добијат активација.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска најави дека од денеска стартуваат јавни огласи за седум програми и мерки за вработување од Оперативниот план за вработување.

„Заинтересираните од денеска може да аплицираат за учество во Програмата самовработување, Субвенционирање на плати, Обука на работно место кај познат работодавач, Обука за стручни квалификации според барање на работодавачите, Обука за побарувани занаети, Програмата практиканство и Програмата за работно ангажирање -Јавни работи. Овие програми и мерки ќе бидат отворени за апликација се додека не се пополни предвидениот опфат на корисници и не се исцрпат финансиските средства предвидени за реализација“, најави директорката Јовановска. 

Извор: Агенција за вработување

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *