АХВ: Пред ЕФСА презентирани проектите кои се реализираат со поддршка на ЕУ

Во периодот од 21 до 23 мај 2019 година во Сараево, Босна и Херцеговина, Европската агенција за безбедност на храна го одржува 39 состанок на националните фокални точки. На маргините на состанокот се одржa и колаборативна работилница на која националните фокални точки од секоја земја корисничка на средства од ИПА фондовите презентираа дел од проектите кои биле успешно спроведени со поддршка на алатките за финансирање на Европската унија, но во исто време ги презентира и проектите кои се во фаза на имплементација и идните проекти поврзани со проценката на ризик од областа на безбедност на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика, заштитата на животната средина итн.

Колаборативната работилница е предвидена да претставува корисна алатка за запознавање со сите можности за финансирање проекти и воспоставување партнерства со релевантни институции од земјите членки на Европската унија со цел успешна имплементација на истите.

Агенцијата за храна и ветеринарство, во улога на национална контакт точка за Европската агенција за безбедност на храна за Република Северна Македонија, на колаборативната работилница презентираше успешно спроведени, тековни и планирани проекти не само во рамки на институцијата туку и во рамки на Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, Институтот за јавно здравје и Природно-математичкиот факултет – Оддел за хемија, со посебен акцент на идните проекти и можностите за воспоставување научна соработка со институции од земјите членки на ЕУ.

Извор: Агенција за храна и ветеринарство