O.Велес: Нов Генерален урбанистички план (ГУП) со нови идејни решенија

На денешната прес конференција, градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски ја информираше јавноста дека новиот Генерален урбанистички план (ГУП) за град Велес е во изработка.

Според него ќе бидат изработени три многу важни Детални урбанистички планови (ДУП), кои се во завршна фаза и доколку нема големи забелешки за истите ќе може да се добие позитивно мислење од Министерство за транспорт и врски, а потоа да бидат ставени на разгледување на Советот на Општина Велес.

Првиот Детален урбанистички план се однесува на просторот околу градскиот пазар и со него се предвидува изградба на катна гаража на местото на сегашниот паркинг (во близина на бифе скара „Хајдук”), со капацитет од околу 300 паркинг места. Додека пак на местото на старата зграда на театарот е предвидена изградба на колективно станбен деловен објект на девет ката (две нивоа за паркинг простор, два ката за деловен простор и пет за објекти за живеење).

Вториот Детален урбанистички план се однесува на градскиот парк кој предвидува ново, современо  сообраќајно решение со кое ќе се овозможи кружно движење околу стадионот, а просторот под сегашните трибини може да се намени за деловни простории. Предвидена е и локација за изградба на мал, покриен базен во рамки на парцелата на постоечкиот градски, пливачки, отворен базен, кој ќе биде финансиран од страна на Агенцијата за млади и спорт, како и изградба две катни гаражи на долната страна под сообраќајницата кај градскиот базен.

Со Третиот детален урбанистички план, кој се однесува на просторот околу младиснкиот парк, Велес ќе добие ново сообраќајно решение со изградба на голем турбо кружен тек на местото на семафорите со радиус од 30 метри. Семафорите ќе бидат дислоцирани на друга соодветна локација. На местото на постоечката бензиска пумпа на „Мак-петрол”, овој план предвидува изградба на нова, а „Мак-петрол” учествува во финансирањето на овој ДУП. Со овој ДУП се предвидува изградба и на нова зграда за градската библиотека (на местото на бараките на КУД „Керамичар”), на три нивоа, со голема површина за паркирање под објектот.

Градоначалникот Коцевски информираше дека беше распишан конкурс за добивање најдобро идејно решение за централното градско подрачје (на просторот од јаворот на плоштад С’рмаале до Стоковната куќа и како посебна целина делот од НЛБ банка до јавните градски тоалети). Тој соопшти дека се пристигнати две идејни  решенија, но стручната комисијата донела одлука да не прифати ни едно и да се распише нов конкурс. Коцевски ги охрабри и поттикна сите заинтересирани да ги поднесат своите квалитетни решенија, при што соопшти дека комисијата одлучила да ја зголеми вредноста на првонаграденото решение и да додели 180.000 денари.

Извор: Општина Велес