ДКСК: Прес-конференција во врска со започнатата изборна кампања на редовните претседателски избори и локалните избори

На ден 03.04.2019 година во просториите на Државната комисија за спречување на корупцијата се одржа прес-конференција во врска со започнатата изборна кампања на редовните претседателски избори и локалните избори кои се одржуваат во општините Охрид, Дебар и Ново Село. 

На прес-конференцијата се укажа за начинот на постапувањето на ДКСК во текот на изборната кампања кој е тесно врзан со нејзините законски надлежности со новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, во делот на контролата на буџетските средства и следењето на финансирањето на изборната кампања.

 
Согласно новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, пропишани се забрани за постапување на државните органи  во изборниотпроцес.  

1. Од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори до завршување на изборот на претседател на Република Северна Македонија, како и од денот на донесувањето на одлуката за распишување на избори за избор на  градоначалник(ци) па до завршување на изборите за избор на градоначалник (ци): 

  • – не може да се започне изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти, освен ако за таа намена претходно се обезбедени средства од буџетот, односно се работи за реализација на програма донесена врз основа на закон во тековната година;
  • – не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори;
  • – не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување, освен во случаи на итни и неодложни работи.

2. Во периодот од 20 дена пред отпочнување на изборна кампања па до завршување на изборот на претседател на Република Северна Македонија и до завршување на изборите за избор на градоначалник:

  • – не може да се одржуваат јавни настани по повод започнување на изградба или пуштање во употреба на објекти со средства од Буџетот или од јавни фондови, или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, во инфраструктурата како патишта, водоводи, далноводи, канализација, спортски игралишта и други објекти или објекти за општествени дејности училишта, градинки и други објекти. Под забрана за одржување на јавни настани не се подразбира, особено: давање на јавна изјава на носител на јавна функција или кандидат за носител на јавна функција на митинг, интервју на медиум, дебата на медиум или одговор на новинарско прашање.

3. За потребите на изборната кампања, забрането е користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи, освен лицата на кои се однесуваат посебните прописи за заштита на личноста.
 

Забрането е вршење и обид за вршење притисок и заплашување на гласачи или членови на нивните семејства или ним блиски лица.

Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ja следи изборната кампања на сите кандидати и во случаите на основи за сомневање дека се прекршува законот ќе презема мерки за утврдување на таквите сомневања, ќе ги извести надлежните органи и ќе бара преземање активности во рамките на нивното надлежно постапување.

Непочитувањето на забраните утврдени во членовите 34 и 35 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и во членот 8-а и 8-б од Изборниот законик, Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ги смета за одговорност на одговорните лица на државните органи и други субјекти, а во случај на констатирани прекршувања и злоупотреби ќе преземе соодветни активности и мерки согласно закон.

ПОСТАПУВАЊЕ  ПО ПРИГОВОР

Контрола на злоупотреба на буџетски средства во периодот по распишување на изборите (член 33 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси)

Согласно член 33 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, во постапката за утврдување на фактичката состојба во случај на постоење на сомневање за прекршување на одредбите од Изборниот законик за забрана за употреба на буџетски средства, односно забранети дејствија на јавните институции од денот на распишување на изборите, како и прекршување на одредбите од овој закон кои регулираат забрането постапување од моментот на донесување одлука за распишување на изборите за избор на претседател на Република Северна Македонија, избор на градоначалник на општините, отворена по сопствена иницијатива на ДКСК или по поднесен приговор од организатор на изборна кампања.  Постапувањето ќе се одвива согласно членот член 33 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.


Следење на законитоста на финансирањето  на изборните кампањи (член 32 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси)

Согласно член 32 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, ДКСК ќе постапува во насока за утврдување на фактичката состојба во случај на постоење на сомневање за незаконито финансирање на изборните кампањи за избор на претседател на Република Северна Македонија и избор на градоначалник на трите општини, по сопствена иницијатива на ДКСК  или по поднесен приговор од организатор на изборна кампања или акредитирани набљудувачи.  Постапувањето ќе се одвива согласно членот член 32 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

Државната комисија во функција на следењето и контролата на законитоста на  финансирањето на изборната кампања и на севкупниот изборен процес ќе остварува непосредна соработка со медиумите, здруженијата на граѓани и со граѓаните и за таа цел ја охрабрува целокупната јавност навремено да ги пријави конкретните случаи на прекршување на забраните утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Изборниот законик.

I. Ја известуваме јавноста дека на веб страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата е објавена форма на Пријава за  сомневања за незаконитости и прекршувања во изборниот процес и во изборната кампања на претседателските и локалните избори 2019 година, која може да ја  пополни секој кој има сознание за евентуални прекршувања на одредбите од Изборниот законик за забрана за употреба на буџетски средства, односно забранети дејствија на јавните институции од денот на распишување на изборите, како и во текот на изборната кампања на претседателските и локалните избори 2019 година 
( на пример – сомневање за: користење на канцелариски простор, канцелариска опрема и службени возила на државните органи за потребите на изборната кампања, вршење и обид за вршење притисок и заплашување на гласачи или членови на нивните семејства или ним блиски лица за потребите на изборната кампања, отпочнување на изградба со средства од буџетот или од јавни фондови или со средства на јавни претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал,  на нови објекти во инфраструктурата, како патишта, водоводи, далноводи, канализација и други објекти или на објекти за општествени дејности – училишта, градинки и други објекти, исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови кои не се редовни месечни исплати, односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови, отуѓување на државен капитал, потпишување на колективни договори, спроведени постапки за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции,  примање или давање поткуп на избирачи, користење противправни и анонимни извори за финансирање за време на избори,  итн.)

II.  Исто така на веб страницата на ДКСК е поставена веб апликација – Регистар на возила на државни органи, органи на локалната самоуправа, јавните претпријатија или други правни лица што располагаат со државен капитал, од кој регистар  секој ќе може да пребара возилата по институција и регистарски таблици. Доколку има сознание за злоупотреба на истите, секој ќе може да пријави сомневање за злоупотреба на истите до Државната комисија.

Извор : Државната комисија за спречување на корупцијата