Г. Скопје: Скопски средношколски фајн фор за учебната 2018/2019 година

На финалните натпревари на градскиот ФАЈНЛ ФОР, коишто  на (15 април)  се играа во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во одбојка – женска конкуренција, присуствуваше градоначалникот Шилегов.

Средношколските екипи учествуваа во 8 лиги, односно во четирите колективни спортови: ракомет, одбојка, кошарка и футсал  во  машка и во женска конкуренција.

 – Град Скопје секогаш ќе ги поддржува учениците, нивните потреби и желби. Со цел да ја зголеми мотивираноста кај младите и талентирани спортисти – средношколци, Градот воведе стипендирање на средношколци, ученици во средните училишта на подрачјето на градот Скопје и годинава додели 105 стипендии (лани 100) во висина од 3.000 денари месечно, за 8 месеци, средства обезбедени од буџетот на Град Скопје. Најдобрите екипи од средношколските лиги годинава ќе одат во Подгорица во средината на месец мај – изјави Шилегов.

За поттикнување и наградување на спортот во средните училишта,  Градот обезбеди средства што се наменети за посета на најдобрите градски репрезентации на средните училишта во колективните спортови во еден од збратимените градови на Град Скопје.

Досега средношколците имаа  успешни гостувања во Истанбул, Ниш, Загреб, Љубљана, Софија, Белград и Нирнберг, а Градот Скопје годинава обезбеди буџетски средства за патување во збратимениот град  Подгорица, Црна Гора, за најдобрите средношколски екипи во футсал, одбојка, ракомет и кошарка, во женска и во машка конкуренција.

Во текот на оваа учебна година во системот на натпревари на средните училишта во Скопје учествуваа 245 екипи, а се одиграа над 1.000 натпревари во кои се вклучија околу 7.000 ученици од 29 средни училишта од Скопје. За организација и реализација на средноучилишниот спорт во Скопје, Градот Скопје годинава одвои 3.500.000 денари.

Извор: Град Скопје