Град Скопје: Градоначалникот Шилегов -Заштитата на животната средина е поле со отворени можности за соработка

Градоначалникот Шилегов денеска присуствуваше и се обрати на бизнис-форумот меѓу Република Северна Македонија и Чешката Република што се одржува во просториите на хотелот „Хилтон“

-Заштитата на животната средина за Република Северна Македонија, а особено за Град Скопје, претставува едно огромно поле на кое постојат многу отворени можности за соработка. Ме радува фактот што голем број чешки компании покажуваат интерес да инвестираат во Скопје. Тоа е добра појдовна точка и можност за градење нови стратешки партнерства во делот на решенијата за транспортот и транспортната инфраструктура, управувањето со отпадот, управувањето со водните ресурси, еколошките заштитни технологии и слично.

Како градоначалник, со градската администрација стоиме на располагање на сите заинтересирани компании да ги обезбедиме сите потребни услови за поблиско и подетално запознавање со можностите за соработка во сферите од заеднички интерес и за чешките компании и за граѓаните за кои работиме – рече денеска Шилегов.

Тој додаде дека во работниот дел на овој форум ќе се отворат многу нови можности за сите и нагласи дека потенцијалот за идна соработка е толку голем што не остава простор за ништо друго освен за успех. Шилегов се заблагодари на Амбасадата на Чешката Република и на Амбасадорот Мирослав Томан за можноста да учествува на овој форум, како и на Сојузот на стопански комори на Македонија и Конфедерацијата на индустрија на Чешка.

Извор:  Град Скопје

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *