Град Скопје: Јавен повик – Субвенционирање за чистење на оџаци

Градот Скопје ги потсетува граѓаните дека е во тек субвенционирањето за чистење на оџаците на нивните објекти и дека може да надоместат дел од трошоците направени за нивното чистење. На јавниот повик на Градот Скопје што важи од 01.01.2019 година и е во тек, досега се пријавиле 119 граѓани.

Со јавниот повик за субвенционирање на граѓаните и на други субјекти на подрачјето на Скопје за чистење оџаци за 2019 година Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците за чистење на оџаците, во износ од 1.000 денари. На повикот можат да учествуваат физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште, е на подрачјето на Град Скопје. Поточно, право на учество на овој повик имаат жителите на Скопје и правните лица кои имаат деловни објекти во општините Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај, кои ќе го исчистат оџакот на своето живеалиште или деловен објект и ќе поднесат барање за искористување на правото за надоместок.

Јавниот повик трае заклучно со 30.11.2019 година и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден, прв услужен“, односно до исцрпување на средствата предвидени за оваа намена во Буџетот на Град Скопје за 2019 година.

Барањето за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците за чистење оџаци, заедно со потребната документација, треба да се достави во затворен коверт до Град Скопје, булевар Илинден број 82, во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 08:30 до 15 часот.

Извор: Град Скопје