Град Скопје: Наскоро нов асфалт и на улицата Љубљанска во Карпош

Екипите на Град Скопје го реконструираат коловозот на улицата Љубљанска, во општина Карпош, којашто е една од најфреквентните улици во овој дел на градот. Увид во градежните работи на оваа делница денеска извршија градоначалникот Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

– Улицата Љубљанска ќе ја реконструираме по целата нејзина должина од вкупно 441 метар, од крстосницата со булеварот Илинден до крстосницата со булеварот Партизански одреди. За градежните работи Град Скопје ќе потроши околу шест милиони денари. Значајно е да се нагласи дека реконструкцијата на овој потег е предвидена да заврши во рок од 20 дена, по што екипите на ЈП „Улици и патишта“ ќе ги реконструираат и тротоарите по должината на улицатаАко се земе предвид и зеленилото што ќе го подигнеме на овој потег, овој дел од градот ќе стане многу попријатно место за живеење – рече градоначалникот Шилегов. 

Во текот на претстојното лето за реконструкција се предвидени повеќе улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје, а веќе е во тек пробивањето на три булевари кои претходно не постоеле. Поради тоа, Шилегов замоли за разбирање од граѓаните додека траат градежните работи. Тој упати апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и на дневна основа да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим што ги објавува Град Скопје.

 

Извор:  Град Скопје