Град Скопје: Поранешната дива депонија во Мичурин сега е нов Зелен Парк

Повеќедецениската дива депонија во населбата Мичурин од која годинава екипите на Град Скопје расчистија 15.000 кубни метри отпад, денес е нов зелен парк за граѓаните. Во овој парк изминативе денови беа засадени 520 нови висококвалитетни листопадни и зимзелени дрвја кои веќе напролет ќе развијат убави крошни чии сенки ќе придонесат за намалување на температурата во жешките месеци. Овде е засадено и највисокото дрво за оваа сезона кое е високо 7,4 метри.

Новоуредената јавна површина на околу 6.000 квадратни метри е поделена на прекрасен нов парк со детско игралиште и паркинг-простор кој ќе го стопанисува ЈП „Градски паркинг“ со што ќе се надмине проблемот со паркирањето на околните згради. Наскоро, паркот ќе добие и соодветно осветлување и нови рекреативни содржини.

Град Скопје продолжува со уредување на местата кои претходно биле диви депонии, а кои сега прераснуваат во мали зелени оази со цел поздрава и поубава животна средина за сите граѓани. Продолжуваме и со засилениот инспекциски надзор за да се спречи повторното создавање ѓубришта на истите места.

Град Скопје согласно со новите стандарди на квалитет продолжува со подигнување нови дрвореди со квалитетни дрвја со просечна висина од околу 5,5 метри коишто веднаш ќе се вклопат во екосистемот на нашиот град, толку потребно за прочистување на воздухот. Есенското раззеленување на Скопје продолжува на голем број локации во сите скопски општини.

Извор: Град Скопје