Град Скопје: Успешна 2018 година за Јавното Претријатие ,,Градски Паркинг”

Јавното претпријатие „Градски паркинг“ што стопанисува со паркиралиштата во надлежност на Град Скопје остварило позитивни резултати во финансиското работење во 2018 година. Билансот на успех во годишниот извештај на ова претпријатие покажува дека приходите од јавните паркиралишта во 2018 година пораснале за 8,63% во однос на претходната година. Со други зборови, ЈП „Градски паркинг“ во 2018 година од јавни паркиралишта заработило 147.115.268 денари, што е за 11.686.703 денари повеќе во однос на 2017 година.

Најголем пораст на приходите претпријатието имало во делот на зонското паркирање, додека приходите од затворени паркиралишта и катни гаражи останале речиси непроменети во споредба со претходната година.

Омилен начин за плаќање паркинг на граѓаните на Скопје и натаму е плаќањето преку СМС порака што се должи на едноставноста и брзината со која се реализира плаќањето.

ЈП „Градски паркинг“ имал пораст на приходите и во секторот пајак, односно во 2018 година овој сектор остварил приходи од 25.213.459 денари, што е за 11,61% повеќе во однос на претходната година.

Во заклучокот од годишниот извештај на претпријатието наведено е дека добивката која ова претпријатие ја остварило на крајот на 2018 година изнесува 13.984.799 денари. Согласно со овој извештај, добивката на претпријатието остварена во 2018 година е резултат на зголемувањето на приходите во секторите јавни паркиралишта и пајак, како и на следењето и контролата на висината на трошоците.

Позитивните показатели од извештајот упатуваат на тоа дека јавното претпријатие активно работи на воспоставување ред во паркирањето во градот кој е неопходен за постигнувањето на крајната цел, а тоа е одржлива урбана мобилност и безбеден сообраќај во Скопје.

Избор: Град Скопје

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *