ЈА: Арс Луцида има мисија да биде носител на промени

За нас – Арс Луцида

Сѐ е поврзано со сѐ останато.

Денешните и древните знаења носат заедничка порака и имаат заедничка суштина. И тоа може да биде проширено не само на древните источни култури, туку на сите древни култури. Нивната мудрост допира длабоко и го објаснува функционираањето на животот самиот. Нѐ поттикнува да размислуваме за човечките вредности и за начините како навистина да ги живееме во секојдневието, на сите полиња.

Сите развојни вештини се засноваат на себеспознавање и усовршување (self-awareness & self-management) за да потоа бидеме способни да ги спознаваме другите, а и да ги менаџираме односите со нив (others awareness & relationships management). Впрочем, успехот во бизнисот е категорија во која во најголем процент влијаат односите со луѓето и соработката со истите.

Без оглед од кој аспект пристапувате, која метода ја применувате или која терминологија употребувате, суштински личниот развој се сведува на тоа да се познавате себеси, да се прифатите такви какви што сте, за да во крајна инстанца можете да се промените и трансформирате. Промената започнува од себе, па промената на околностите и на другите луѓе ќе следува како резултат на личната промена. Во целиот тој процес, развиваме вештини, флексибилност и емпатија, што всушност и ја прави разликата.

Арс Луцида има мисија да биде носител на промени во светот. Обврска на секој кој што се занимава со развој и унапредување е да направи влијание на што повеќе луѓе и да остави некаков траг на идните генерации, па така е и во овој случај. Тоа го правиме преку методи, техники и вештини кои се нови, различни и невообичаени, ги комбинираме со цел да предизвикаме размислување, подигнување на свесноста, будност и промена на подобро.

Во Арс Луцида живеат заедно навидум неспоиви нешта. Едукацијата може да биде од областа на енергетската медицина, медитација, духовност, личен развој во широка смисла на зборот и сл., а во исто време и во областа на комуникација, животен баланс, перспектива на животот, коучинг. You name it, we have it 😊 Овој разновиден микс од дисциплини овозможува директно и многу брзо да се допре до сржта и длабочината на личноста, а на процесот на промена да му се даде поддршка и дополнителен подстрек. За секоја дисциплина подетално, читателите можат да се информираат на нашата интернет страница.

А од каде сето тоа? Оттаму што сите знаења отекнуваат од еден извор и имаат иста основа. Се разликуваат во начинот и пристапот, што овозможува секој да се најде во она што најмногу му одговара.

Најсовремените методи кои ги применуваме за трансфер на овој тип на знаење генерално се базираат на искуствено учење. Ние, човечките битија ретко учиме на туѓото искуство 😊 Мора да поминеме низ некакво патешествие за да донесеме свои заклучоци. Ние се обидуваме да го избегнеме патешествието и низ едно различно искуство да им покажеме поинакви можности. Искуственото учење вклучува пракса, вежби, рефлексија и интроспекција, фидбек, дискусии и некаков тип на водство, низ кои клиентите не мораат да учат на принципот „trial and error“, туку фокусирано да се движат кон сопствената трансформација.

Вештините се многубројни, почнувајќи од животни вештини како што се самосвест, самодоверба, внатрешен мир, постигнување на баланс, ослободување од стрес, подобрување на здравјето, флексибилност и емпатија и тн., до професионални вештини емоционална интелигенција, менаџирање на време, луѓе, конфликти, вербална и невербална комуникација, продажни вештини.

Во кој правец ќе тргнете зависи исклучиво од личноста. Најважносто е да не застанете. Постојано да се усовршувате и да учите, за себе, а со тоа учите и за другите, а и за бизнисот. Тоа секогаш за резултат има самореализација, бидејќи со секоја нова вештина или сознание единствено што постигнуваме е да се доближиме до себеси, без оглед како тоа на прв поглед изгледа. Можеби првичната идеја е да се развивате во кариерата, но ултимативно сѐ што правиме е само и само заради сопствен развој и самореализација.

Паралелно одржуваме и обуки наменети за бизнис секторот. Оваа понуда има многу компоненти. Вклучува едукација во областа на меки вештини (soft skills), коучинг и НЛП, ЦЕФЕ тренинзи, комбинации на личен и професионален развој и тренинзи направени за потребите на клиентите. Во таа листа се вклучени најмалку 30тина тренинзи, а секако истата не е конечна.

Влогот во професионална едукација и развој на нови професионални вештини кај вработените може и влијае врз успешноста на компанијата. Знаете, ние сме најпрво луѓе, а потоа сѐ останато. Ако не можеме да се разбереме како луѓе, да ко-егзистираме во мир и да си помагаме, не можеме ни да работиме заедно. Ние не сме изолирани единки, секогаш сме дел од некој систем, во кој спаѓа и компанијата и бизнисот. Ова има една поширока смисла. Системите функционираат ако и само ако единките функционираат во тим, како часовник. Секој запчаник има своја функција и свое место. Па така, секоја едукација од личен и професионален аспект овозможува часовникот да функционира, со развивање на самосвест и вештини на менаџирање на себе и другите, а и подобро познавање на потребите на вработените и компанијата, како и градење на лојалност и доверба во системот.

И за крај… Значењето на Арс Луцида

Арс Луцида можеше да биде наречено со безброј други имиња, но идејата беше да биде различно и невообичаено, како и луѓето, методите и сѐ останато поврзано со неа. А како што I have a thing со латинскиот јазик, кој by the way не го познавам, мислев дека во основата на многуте светски јазици ќе најдам соодветен назив за кој ќе обедини сѐ што ми се моташе по главата. Како со едно кратко и импресивно име да наречам една бескрајна, магична и животно важна тема како што е човекот во неговиот најголем сјај.

Сѐ во овој наш живот се однесува на уметноста со која светлината бесконечно креира и дискреира, низ разни начини на брусење и полирање на овој човечки дијамант. Таа нѐ поттикнува да се стремиме кон еволуција, чистота и толку многу спомнуваното просветлување (илити со свои зборови преважното самоспознавање) . Тој инстинкт е длабоко всаден во нашето битие, такашто ние свесно и несвесно, сакале или не, се движиме во тој правец, најчесто без основно разбирање за механизмите на тој процес.

Механизмот вели дека ни е потребен јасен ум кој ја спознава и разбира вистината за себеси. Тоа може да се случи само и само ако поседуваме и негуваме чисто срце, зашто сѐ се случува преку него. Чистото срце и јасниот ум се отворена врата за интуицијата или моментите на проблесоци (momenta lucida) коi нѝ го покажуваат патот.

Многу поедноставено, умот не може да е јасен доколку срцето не е чисто. Звучи едноставно, но е многу комплексно, на моменти мистериозно патување. И често, најдобор е да не патувате сами.

Патувањето го нарековме Арс Луцида – Уметност или моќ на јасното разбирање на играта на светлината, внатре, во нас.

Верувам дека вие ќе ја откриете сопствената Арс Луцида и ќе уживате во неа.

Извор: Javnaadministracija.mk