МФ: Ден на Царина-Модерната и дигитализирана Царина ќе ја подобри трговијата и транспортот

“Модерната, дигитализирана Царинска управа ќе придонесе за подобрување на трговијата и транспортот, а со тоа и на македонската економија во целост“, беше истакнато на 27 годишнината од функционирањето на Царинската управа.

Токму во таа насока е новиот интегриран систем за обработка на царински декларации кој ќе започне да функционира од јуни. Новиот систем ќе ги намали трошоците за фирмите, ќе се подобрат контролите, а ќе се подобрат и приходите кои ги наплаќа Царинската управа.

– Царината треба да се базира на автоматските процеси за обработка на податоците што треба да придонесе за подобра наплата на приходи, подобра анализа на ризик, подголема безбедност и намалување на ризиците, рече претседателот на Владата, Зоран Заев.

Тој воедно посочи дека треба да се разгледаат сите можности што ги нудат новите дигитални алатки.

Заменик- министерот за финансии, Ширет Елези посочи дека Министерството за финансии заедно со Царинската управа работат на спроведување реформи во овој сектор, што во време на брза глобализација на трговијата и финансиските системи e клучно.

– Една од основните функции на Царинската управа е зачувување на финансиските интереси на државата. И оваа функција Царинската управа успешно ја реализира. Во 2018 година вкупните приходи што ги наплатила Царинската управа се за 11 проценти повисоки споредено со претходната, 2017 година, истакна заменик-министерот Елези.

Таа ги спомена и реализираните проекти што се финансирани преку Министерството за финансии од инструментот за претпристапна помош на ЕУ.

– Во рамките на тие проекти, минатата година го пуштивме во употреба граничниот премин за патен промет Табановце. На  крајот на 2018 година  заврши и проектот за „Реконструкција на објектите за царинење и инспекција на ГП за патен промет Ќафасан“. Со реализацијата на овој проект се создадоа услови за забрзување на прекуграничниот промет, потенцира Елези.

Со помош на фондовите од програмата ИПА 2018, ќе се реализираат и проекти кои се клучни во градењето европска модерна Царинска управа.

“Во насока на реализацијата на нашата визија и мисија, со помош на фондовите од програмата ИПА 2018,  денес ќе издвојам неколку круцијални полиња  кои се дел од стратешкиот и акцискиот план на Царинската управа: подобрување на квалитетот на царинските постапки, квалитетот на царинските контроли, како и борбата против измами и недозволена трговија“, потенцира директорот на Царинска управа, Ѓоко Танасоски.

Тој додаде дека дел од планот е и набавка на софистицирана опрема и нов систем за контроли и истраги и воспоставување центар за справување со сериозни проблеми на царинските ИТ системи.

Избор: Министерство за финансии