МФ: Обраќање на МФ Тевдовски на Годишна Конференција

Oбраќањето на министерот за финансии Драган Тевдовски на Годишната Конференција „Фискални реформи за праведен раст“, организирана по повод Денот на Буџетот, кој се одбележува втора година по ред.

Ваша Екселенцијо, Амбасадор на ЕУ, г-дин Самуел Жбогар,

Почитувани Гувернерка на Народната банка, министри и пратеници во Собранието,

Ваши Екселенции, почитувани амбасадори,

Почитувани претставници од меѓународните организации,  универзитетите, невладиниот и бизнис секторот,

Почитувани претставници на медиумите,

Вработени во Министерството за финансии и управите,

Поранешни министри за финансии,

Драги гости,

Ми претставува голема чест и задоволство да ви посакам добредојде на Втората годишна конференција на Министерството за финансии.

Темата на конференцијата е фискалната политика во функција на праведен раст. Идејата е дека не е доволно само да се криераат политики кои ќе создаваат раст на БДП. Потребно е и плодовите на растот да се распределуваат праведно, односно да се зголемува животниот стандард на сите граѓани, а не само на мал дел од нив.

Пораката за фер распределба е содржана и во “Медена земја”, македонскиот документарец кој што победи на Санденс. “Половина за мене, а половина да остане за пчелите” – вели Атиџе, последната жена одгледувач на диви пчели. Филмот покрај моќната порака за зачувување на природата, ни покажува дека доколку постои свест и систем – сите можат да почуствуваат бенефит од крајниот производ. Истото е и со економијата и општеството.

Почитувани,

Растот на платите и вработеноста се најважните работи за зголемување на животниот стандард на мнозинството на граѓани, кои што живеат само од својот труд. Ефектите од покачувањето на минималната плата се веќе видливи. Постои двоцифрен раст две години по ред кај најниските плати. А, придвижена е спиралата на плати, па се јавува  раст и кај повисоките плати.

Активните мерки за вработување од година во година ги зголемуваме. Годинава за нив е буџетирано историски највисок износ на средства. Обезбедуваме поддршка и за претпријатијата кои инвестираат и отвораат работни места. Стапката на невработеност за првпат од независноста се спушти под 20%.

Како општество имаме обврска да се грижиме за граѓаните кои што живеат во сиромаштија. Подготвена е социјална реформа, со која се воведува минимален адекватен приход. Со ова ќе станеме прва земја во регионот која ја воведува оваа програма за извлекување од сиромаштија. Со неа се подобрува и таргетирањето на социјалните трансфери.

Ги зголемуваме платите на негователките во градинките, наставниците во училиштата и докторите во болниците. Вложуваме во темелите на општеството –  јавното образование и здравство. Сакаме нашите деца во иднина максимално да го користат својот потенцијал. Само така тие ќе имаат подобра иднина.

Почитувани пријатели, драги гости,

Јавните финансии се крвотокот на функционирањето на државата. Од тоа во каква состојба се јавните финансии зависи на пример, какви ќе бидат платите на наставниците; опремата која се користи во јавното здравството; каква ќе биде поддршката за вработување која им се дава на невработените, социјалната помош; каква ќе биде поддршката за бизнисите кога отвораат работни места и инвестираат, како и можноста за изградбата на канализации, системи за наводнување, училишта, болници, патишта и енергетски објекти. Затоа дозволете ми да ги набројам најважните промени и реформи кои се направени во системот на јавните финансии минатата година.  

  1. Воведовме праведен данок. Даночната реформа ја направивме со цел намалување на доходовната нееднаквост и повеќе средства за социјални трансфери.
  2. Направена е пензиска реформа, со цел стабилизација на фондот за пензиско и инвалидско осигурување, што пак ќе обезбеди сигурни пензии за сегашните и идните пензионери.
  3. Неефикасните и нетранспарентни јавни набавки создаваа огромна неправедност во распределбата на економските резултати. Затоа го реформиравме системот за јавни набавки и го усогласивме со директивите на ЕУ. Создадовме законска обврска сите договори и анекси да бидат објавувани на електронскиот систем за јавни набавки.
  4. Постојано работиме на зголемување на фискалната транспарентност. Денес Министерството за финансии објавува голем број на податоци и извештаи кои претходно не и беа достапни на јавноста. А, дури и годинава станавме дел од СДДС плус, односно го задоволуваме највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоците на ММФ, кој го исполнуваат само 18 економии во светот, како на пример САД, Германија, Јапонија и Канада. Ние цврсто веруваме дека јавноста е најдобар контролор кога станува збор за распределбата и трошењето на државните пари.
  5. Со цел спречување на перењето на пари воведовме законска обврска за идентификување на вистинскиот сопственик, како и го вративме во законот надзорот над носителите на јавни функции, кој неправедно беше отстранет во 2011 година.
  6. Бевме соочени со брзорастечки јавен долг, каде што каматните стапки на долгот беа значително повисоки од стапките на раст на економијата. Со ова товарот на долгот неправедно се префрлаше на идните генерации. Но, го променивме ова. Успешно менаџираме со долгот.  Брзорастечкиот долг, кој се дуплираше од 2008 до 2016 година, сега е стабилизиран. Денес тој е нешто понизок од 2016, како процент од БДП. Издадовме еврообврзница по каматна стапка еднаква на растот на економијата. Намалени се каматните стапки на државните хартии од вредност на домашниот пазар, на пример, каматната стапка на 12 годишниот државен запис е намалена од 2,1% на почетокот на 2017 година на 0,8% во 2019, или кај 5 годишната обврзница намалувањето е од 2,7% на на 1,7% во истиот период. Ова се значително пониски каматни стапки од растот на економијата.
  7. Паралелно со ова, го решаваме проблемот со наследените, неизмирени обврски. На централно ниво отплативме голем дел од нив, но и обезбедивме финансиска поддршка за општините, а истовремено воведовме и фискално правило кај општините со цел да спречиме натрупување на нови обврски.
  8. Континуирано се работи на подобрување и дигитализирање на услугите кои управите и органите во состав на Министерството ги даваат на граѓаните. Управата за јавни приходи, по урнек на модерните европски даночни управи, за првпат воведува електронски претпополнети даночни пријави, со цел граѓаните да не мораат да чекаат во редови. Царината работи на проект за електронско поднесување на царински декларации. Управата за имотно правни работи наскоро ќе го пушти во употреба системот со кој граѓаните на веб-страна ќе може да го следат текот на предметите.

Морам да кажам и нешто лично. Знаете дека сум маратонец, а мотото на маратонците вообичаено е: “Никогаш не се предавај”. Но, ако некој ме прашаше на конференцијата минатата година, дали ќе можеме сите овие работи да ги направиме за една година, веројатно рационално ќе одговорев дека можам да ветам дека ќе реализираме само неколку од овие промени. Но, јас сум горд што ги направивме сите овие промени. Горд што го подобруваме системот на јавни финансии во насока на поголема ефикасност и праведност.

Овие промени се резултат на работата и посветеноста на голем број вработени во Министерството за финансии, како и на вработените во управите и органите во состав. Затоа би сакал да искажам благодарност до моите колеги од министерството. Чест ми е што ја водам една од најдобрите институции во Северна Македонија.

Благодарност и до нашите партнери кои ни даваат постојана поддршка за реформите, како Светска банка, Меѓународниот монетарен фонд и останатите меѓународни финансиски институции. Посебна благодардност и до Европската Унија, која преку грантови од европските фондови, но и преку пренесување на искуства и знаења, ни помага во изградбата на подобро општество.

Почитувани пријатели, драги гости,

Целта на конференцијава е да стимулира дебата за идните правци на дејствување на фискалната политика за остварување на праведен раст.

Затоа имаме одличен панел на експерти. Тоа се Галина Андронова Винчелетеод Светската Банка, Себастијан Соса од ММФ и академик Абдулменаф Беџети.

За главен говорник на конференцијата го поканивме амбасадорот Самуел Жбогар. Од неколку причини. Прво, тој е многу поискусен маратонец од мене. Второ, ЕУ многу силно финансиски го поддржува развојот на нашата земја. И трето, и за мене најважно. Во изминативе скоро две години, со амбасадорот Жбогар бевме на многу места во земјава каде што со пари на граѓаните на ЕУ е изградено на пример, училиште, пречистителна станица, пат и слично. А тој секаде и секогаш имаше огромен жар и енергија, да се направи нешто и да се помогне на нашите граѓани и земја. И тоа не само како да станува збор за негова земја, туку како да се работи за неговото семејство. Најсвеж пример за ова е новата училишна зграда за 200 дечиња од селото Гургурница. Ви благодарам Амбасадоре!

Почитувани,

Денес на насловната страна на Фајненшал тајмс беше селфито на премиерите Заев и Ципрас, со наслов Поглед кон иднината.

Ние погледнавме во иднината. Таа треба да обезбеди подобар животен стандард за сите граѓани и интегрирање на земјава во Европската Унија.

Извор: Министерството за финансии

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *