МФ: Се очекува следната година соопоравување – Раст од 4,8% на БДП

Растот за 2021 година првично се очекува да биде 4,8% од БДП, согласно основното сценарио. Следната година се очекува да биде година на економско опоравување, иако појдовната основа за растот од 4,8% ќе биде пониска од претходната година, вели во интервју министерот за финансии, Фатмир Бесими за Економски магазин на телевизија Алсат-М. Тој посочува и дека кризата предизвикана од коронавирусот е од многу поголеми размери во однос на светската финансиска криза од 2009 година.

– За 2021 година претпоставуваме дека ќе биде година на економско опоравување со економски раст кој првично е предвиден на 4,8%. Тука сакам да бидам коректен, овие 4,8% раст се базираат  на пониска основа од 2020 година. Сепак овој раст јасно ќе зборува за динамиката на опоравување на економијата, за брзината на растот, и колку можеме да креираме економска ситуација со економските мерки и проекциите, која ќе донесе предвидливост и раст – рече Бесими.

Бесими посочува дека корона кризата е во поголеми размери од глобалната финансиска криза од 2009 година.  

– Падот во третиот квартал, зборувам за 2009 година, беше 3,7%. Сега на годишно ниво имаме проектирано пад од 3,4% од БДП, со тоа што во првите 6 месеци имаме пад од 6,5%, а само во вториот квартал 12,7%. Разликата помеѓу 2009 и 2020 година е четирикратно поголем пад на економијата, зборувам за нашата земја, но и кај глобалната економија е исто. Друг момент за којшто зборуваме е дека државниот и јавниот долг во 2009 година соодветно изнесувале 23,6% и 26,2% од БДП. Сега јавниот долг изнесува 59,5%, а до крајот на годината се очекува да изнесува  59,7%. Ова е ситуацијата со која денес се соочуваат Министерството за финансии и домашната економија. Предизвикот и општо главниот приоритет е да се спаси домашната економија, реалната економија и работните места во оваа глобална кризна состојба – вели Бесими.

 Тој најавува дека структурата на Буџетот ќе мора да се ориентира повеќе кон капиталните инвестиции.

 – Во структурата на Буџетот имаме позиции коишто се резултат на нашиот систем во целина, би додал и на нашиот уставен поредок. Ние по Устав сме дефинирани како социјална економија, што подразбира дека социјалното и здравственото осигурување се гарантирани за секој граѓанин, било да е вработен или да е пријавен како барател на работа, или како социјален случај. Го споменувам ова, бидејќи ова се трошоци што со години, децении се дел од Буџетот и се скапи. Другата буџетска позиција се трошоците за функционирање и одржување на администрацијата. И третата позиција се капиталните трошоци, или јавните инвестиции како што ги познаваме пошироко, кои треба да се покачат – вели Бесими.

Извор: Министерство за финансии