МФ: Систем на СМАРТ (паметни) финансии за брзо заздравување и побрз посткризен раст

Првиот финансиер, Фатмир Бесими во неговото прво интервју како министер за финансии вели дека има средства за да буџетот се извршува непречено, односно редовно да се исплаќаат платите, пензиите, социјалната помош, обврските кон стопанството, кредиторите, како и средства за антикризни мерки за помош на економијата и забрзување на ревитализирањето. Четвртиот сет антикризни мерки ќе биде насочен кон економско заздравување – стимулирање на приватната потрошувачка, но и поттикнување на инвестициите во стопанството. Тој најавува систем на паметни јавни финансии кој ќе биде кој ќе се базира на јасна стратегија и ќе биде одржлив, одговорен, реформски ориентира и транспарентен

1.Седнавте на едно од најжешките столчиња во Владата, во време на глобална економска криза. Кои се очекувањата за економијата и кои ќе бидат приоритетите?  
– Министерството за финансии, како ресор, е предизвик и во време кога на економијата ѝ оди добро, а секако дека претставува уште поголема одговорност во време на најголемата глобална економска криза од Големата депресија наваму – поголема и од Свeтската финансиска криза од 2008 година. Ковид-кризата ги зафати сите економии во светот. Oд една страна се заканите кои доаѓаат интерно преку здравствените мерки за заштита кои влијаат на активноста на стопанските капацитети, од друга страна се надворешните закани кои доаѓаат од нарушување на глобалните синџири на набавка. Сепак, она што и дава толкави големи размери на Ковид-кризата е неизвесноста која се должи на директната поврзаност со здравствената криза, нејзиниот интензитет, односно бројот на новозаболени и времетраењето. 
Погледнете ги проекциите на меѓународните финансиски институции. Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ги ревидираше своите очекувања за глобалниот економски резултат за годинава во повеќе наврати. Есенската проекција од октомври 2019 година за раст на глобалната економија во 2020 година изнесуваше 3,4%. Во пролетните проекции во април таа е ревидирана со предвидување на контракција на економијата од – 3%, додека во јуни на -4,9%. Инаку, се обработени и две други сценарија – оптимистичко, со брзо закрепнување на економијата и раст во 2021 година, и песимистичко сценарио со втор бран на ковид-кризата во почетокот на наредната година, а со тоа и продолжување на неповоните трендови и наредната година. Значи, кога ќе тргнете од проекцијата која Фондот ја направил пред сознанијата за здравствената криза која започна во Кина во декември 2019 година, проценката за економскиот резултат на глобалната економија е намалена за 8,3 процентни поени. За прв пат се очекува да има негативен раст во сите региони во 2020 година, иако со различен интензитет помеѓу земјите. Тоа се должи  различниот степен на погоденост и ранливост од епидемијата, како и на ефикасноста на стратегиите за нејзино намалување.
Како економија, не сме исклучок од глобалните случувања. Проекциите за раст на македонската економија на Министерството за финансии пред почетокот на кризата изнесуваа 3,8%, додека со ребалансот во мај годинава истите се ревидираа и се очекува контракција на економијата од 3,4% во 2020 година, односно корекција и намалување за 7,2 процентни поени во споредба со првичната проекција. Инаку, според јунските  проекции на Светската банка се очекува пад на БДП за 4%. Ова, исто како и во случајот со останатите земји се должи: прво, на затворањето на дел од производствените и услужните капацитети, поради здравствените мерки, и второ, на нарушувањето на глобалните синџири на добавувачи. Земете го овој пример – наш најголем трговски партнер е СР Германија каде пласираме над 50% од вкупниот извоз, а над 80% од тој извоз, се автомобилски делови. За германската економија се проектира пад од над 6% годинава, а автомобилската индустрија сè уште се наоѓа во тешка состојба поради ковид – кризата. Најголемиот удар се очекува во второто тримесечје. Потоа, се очекува благо опоравување во третото тримесечје и позитивен резултат во четвртото тримесечје, и ова е од аспект на оптимистичкото сценарио.
Од почетокот на кризата во земјава беа донесени три сета на економски мерки, кои имаа различни улоги и беа носени согласно периодот на кризата низ кој минуваше економијата. Тие беа насочени кон подобрување на ликвидноста на стопанството и помош за одржување на економската активност, во време кога добар дел од капацитетите беа затворени. Потоа, кога економијата почна полека да се отвора, беа таргетирани кон забрзување на економската активност преку зголемување на приватната потрошувачка и инвестициите. 
Сумарно, сметам дека на работите треба да се пристапува реално и отворено. Нема потреба од „розови очила“ и секогаш треба да зборуваме со издржани факти поткрепени со бројки. Да – оваа ковид-криза е реалност и ниедна економија не е исклучок и да – се преземаат и, нагласувам, допрва треба да се преземаат мерки за да економијата се врати на вистински колосек. Мерките треба да бидат насочени кон поддршка на приватниот сектор со таргетирање на сектори каде треба да се дејствува, директна и индиректна поддршка на инвестициската активност на приватниот сектор, подобрување на нивната конкурентност, подобрување на реализацијата на јавните инвестиции кои обезбедуваат работа за компаниите и поттикнување на приватната потрошувачка, а секако во сетот на мерките ќе се опфатат и социјално ранливите категории на општеството.
Понатаму, секоја криза покрај закани, носи и можности. Во кој поглед? За да „новото нормално“ кое неминовно ќе дојде по кризата биде подобро од она пред кризата –  уште од сега треба да се почне да се работи и да се постават темелите. Што значи тоа? – Имаме историска можност со отпочнувањето на преговорите за членство со ЕУ да направиме суштински промени во функционирањето на ситемот: пофункционални институции, владеење на правото, подобра и попредвидлива бизнис клима, борба со сивата економија, инвестиции во човечки капитал, зелена економија и низа други структурни реформи кои ни се задача за да станеме дел од европското семејство. Исто така, со ковид кризата, светот буквално стана зависен од технологиите. Тука пред се мислам на дигиталната економија и воопшто информатичкото општество. Очекуваме нови можности и од аспект на креирање на нови вредности и од аспект на канали за дистрибуција. Кризата можеби е закана за некои сектори, но за други е можност и таа треба да се искористи. Ќе се целиме создавање на иновативна и конкурентна економија.
Значи, паралелно со мерките кои сега треба да се преземаат за лечење на економијата, треба и ќе работиме и на мерки и реформи кои понатаму ќе го подобрат нашиот перформанс по кризата. Ако претходните десет години растот на БДП во просек изнесувал 2,6%, сметам дека ако се спроведат успешно политиките поддржани и со евроатланските интеграции кои делуваат како катализатор на растот во следните десет години просечниот раст да се дуплира, што би значело дека во најуспешните години може да се надмине психолошката граница за раст над 4%.  

2. Да, но како?   
Велат дека финансиите се крвотокот на економијата, што е апсолутно точно, и би додал и на општеството, бидејќи сите процеси се поврзани со финансиите. Новите иновативни пристапи се најдобриот начин за придонесување на подобрување на економијата. Во овој мандат лично ќе се заложам за воспоставување на концептот „СМАРТ“ финансии.

3. Што е концепт „СМАРТ„ финансии?
– СМАРТ или во буквален превод „паметни“ финансии ќе биде систем на јавни финансии кој ќе се базира на јасна стратегија и ќе биде одржлив, одговорен, реформски ориентира и транспарентен (S-strategical, M-mantainable, A-accountable, R-reform-oriented, T-transparent). Овој систем на смарт финансии ќе ги имплементира реформите кои треба да се направат во јавните финансии во смисла на подолгорочно и поквалитетно планирање на буџетските програми и буџетите, ќе биде континуиран, односно одржлив и во континуитет ќе дејствува кон подобрување на транспарентноста. Од аспект на економска филозофија или политичка економија ова ќе значи стремење кон поправичен модел на јавни финансии гледано од аспект на приходи, расходи и начин на финансирање, односно популарно кажано како се полни и како и каде се трошат парите на граѓаните.
Традиционалното буџетирање кое се базира на инкременталните нивоа на финансирање, треба да се преориентира кон буџетирање кое е ориентирано кон резултати. Односно да се види перформансот на институциите и согласно тоа да се утврдува колку средства ќе им се доделуваат на буџетските институции за проекти согласно тоа какви се резултатите на тие инвестиции. На тој начин ќе се надминат нереалните планирања кои ги имаме со години, па и децении наназад, каде капиталните расходи се нерелно планирани, кои потоа реално потфрлаат во реализација. Понатаму, планирањето од една за друга фискална година треба да се ориентира повеќе кон подолгорочно планирање. Најголем дел од стратешките и капиталните проекти не се реализираат во тек на една фискална година, туку во тек на повеќе и умешноста да се утврди вистинската динамика на проектот на среден рок, може да биде од суштинско значење и за самата реализацијата на тој проект.
Еден од главните столбови на овој систем мора да бидат транспарентноста и отчетноста на јавните финансии. Транспарентност изминатите години е „клучен збор“ во политиката, но неговата реална вредност за јавните финансии е дека тоа е највисок степен на фискална контрола. И ја давате информацијата на јавноста на едноставен и општо разбирлив начин – јавноста суди и одлучува дали тоа е вистинска или оправдана или легална одлука. Граѓаните се тие кои ги вработуваат пратениците, министрите и останатите функционери, граѓаните се тие кои носат вредносен суд за нивната работа, како и насоката во која ќе треба да дејствуваат институциите.
При дизајнирање на политиките и мерките ќе се водиме од принципот на отчетност и мерење на резултатите во остварување на целите преку т.н. SMART Key Performance Indicators (S-specific goal, M-measurable, A-attainable, R-relevant, T-time-frame), т.е. целите да бидат добро специфицирани, да бидат мерливи, остварливи, релевантни и да имаат временска рамка за имплементација.

4. Во каква состојба се јавните финансии, односно државната каса сега? Има ли потреба од ребаланс?             
-Пред почетокот на Ковид кризата во првите два месеца од 2020, наплатата на приходите во буџетот е солидна, со раст од на вкупните приходи од 4,6% во јануари и за 4% во февруари во однос на минатата година, од кои во јануари порастот на даноците и придонесите е 10.7%, додека во февруари 6.1%.
Но со затворањето на економијата, поради преземањето на здравствените мерки влијаеше врз понатамошната реализација на буџетот. Преземањето на мерките за заштита од ширење на Covid-19 и ставајќи го здравјето на граѓаните на прво место, делуваше на намалување на економската активност, што очекувано почна да се рефлектира на полнењето на буџетската каса. Во март, при почетокот на преземањето на здравствените мерки за спречување на ширење на корона вирусот, се забележува пад на вкупните даночни приходи за месец март за 11% во однос на претходната година. Во април падот на приходите е 20% во однос на лани, во мај пад за 24%. По реотварањето на економијата има подобрување на резултатите за јуни и за јули, со пад од 9,6% во јуни и во јули имаме прв месечен раст на приходите во однос на лани од почетокот на кризата со раст на вкупните приходи од 1,4%. Во август повторно имаме забавување со пад на приходите споредбено со истиот месец лани од 13,9%.
Кумулативно падот на приходите од јануари до август 2020 изнесува 8,2%. Согласно ребаласнот кој е направен во мај приходите се скратени за 11,5% во однос на иницијалниот буџет.
На почетокот на кризата тимот во Министерството за финансии изработил неколку сценарија за исходи од коронакризата, односно како истата би влијаела на остварувањата на приходите во буџетот во 2020 година. Кај првото сценарио или поволното – предвиден е пад од 20% на вкупната приходна страна на консолидиран буџет во однос на планот, што би значело намалување на приходите за околу 700 милиони евра. Кај второто сценарио- неповолното, падот на буџетските приходи би изнесувал околу 30% со што  потребите би се зголемиле за околу 1 милијарда евра.  И кај третото најнеповолното доколку приходите паднат 40%, дополнителните потреби би биле околу 1.3 милијарди евра. 
Согласно сегашните резултати приходите се движат во рамките на предвидувањата, а со средствата кои се повлечени со еврообврзницата од 700 милиони евра, од инструментот за брзо финансирање на ММФ од 176,5 милиони евра, како и најавените 160 милиони евра од Европската комсија и 50 милиони евра грант од нив, заедно со средствата кои ни стојат на располагање од Светска банка и по потреба изноѓање на други извори сакам да упатам јасно порака за смирување дека финансирањето на дефицитот и на кредитите кои доспеваат до крајот на годината ќе биде обезбедено, дури ќе обезбедиме и бафер за евентуални нови шокови од пандемијата. Ќе обезбедиме доволно средства за финансирање на следните пакети на економски мерки за ублажување на ефектите од кризата, како и економска обнова во пост-кризниот период кон „новото нормално„. Приритетно ќе биде да согледат каде се можностите во рамките на буџетот со оглед на тоа кои програми или проекти се знае со голема веројатност дека нема да можат целосно да се реализираат до крајот на годината, потоа привлекување финансии во нашата економија од надворешни извори на финансирање, како и разгледување на можности за мобилизирање на слободните финансиски средства од домашниот финансиски пазар а со тоа во координација со НБРМ со цел задржување на финансиската и монетарната стабилност во економијата. Ќе следиме што прават и други поразвиени земји, особено во користењето на нови неконвенционални мерки за поддршка на економијата.
Од првиот ден сум во координација со тимот на Министерството за финансии, на дневна основа се следи состојбата со приходната и расходната страна на буџетот и доколку се појави потреба, навремено ќе се реагира. Бизнис секторот и граѓаните ќе имаат навремени и јасни пораки кои ќе бидат нашите економски политики и мерки, впрочем тие и ќе се кројат во соработка со сите чинители во економијата и општеството и консултации со нашите развојни партнери, како што е Светска Банка, ММФ и други меѓународните финансиски институции.

5.Ги спомнавте еврообврзницата и заемите од ММФ и EK. Ќе има ли нови задолжувања до крајот на годината?
 – Обезбедени се ликвидносни средства за да буџетот да се извршува непречено согласно планот до крајот на годината, односно редовно да се исплаќаат платите на вработените, пензиите на пензионерите, социјалната помош, редовно да се извршуваат обврските кон стопанството, обврските кон кредиторите, како и средства за антикризни мерки за помош на економијата и забрзување на ревитализирањето. Постои и бафер (средства за сигурност) , зависно од развојот на настаните, за евентуален втор шок или за сервисирање на отплати кои доспеваат во 2021 година.
Буџетскиот дефицит за 2020 година е проектиран на 6,8% од БДП или 751,2 милиони евра (46,2 милијарди денари), додека по основ на стари долгови во 2020 година  доспеваат ПБГ заемот од Светска банка во износ од 155 милиони евра, кој беше отплатен на 29 јануари, потоа еврообврзницата издадена во 2015 година во износ од 178,3 милиони евра, заемот за Гасификација на Македонија во износ од 13,5 милиони евра и краткорочен заем од комерцијални банки во износ од 132,9 милиони евра – сите тие треба да се отплатат во декември. Вкупно поголеми отплати кои достасуваат до крајот на годината, поточно во декември изнесуваат 324,7 милиони евра. Остатокот од обврските се кредити во повеќе помали износи како резултат на подолгиот период на амортизација. 

Во јуни е издадена еврообврзница во износ од 700 милиони евра, понатаму обезбедени се ефтини средства преку ММФ од 176,5 милиони евра, а кон крајот на септември треба да се повлече и првата транша од 80 милиони евра од Заемот за макрофинансиска помош од Европската комисија, која во вкупен износ од 160 милиони евра. Добивме и грант средства од ЕУ во износ од 50 милиони евра. На домашен пазар преку државни хартии од вредност предвидено е повлекување најмногу до 250 милиони евра, согласно потребите. Останува отворена опцијата за повлекување на средства од Светската банка од Проектот за итно справување со Covid-19.

Во однос на тоа дали стануваме презадолжени, водењето на прудентна политика на јавен долг последните години и стабилизирањето на долгот, кој претходно беше брзорастечки, остави фискален простор за да во време на криза се повлечат средства. Мора да се напомене и дека јавниот долг е под нивото со Мастришкиот критериум, како и дека кај земјите во регионот (со исклучок на Бугарија и Косово), како и на Европската унија имаат многу повисок, па и двојно повисок долг од нашата земја.  Сепак, истиот мора внимателно да се следи и на среден рок да се продолжи со консолидација на буџетскиот дефицит, односно негово постепено стеснување.

6.Веќе се најавува четврт сет на економски мерки. Што ќе има во четвртиот сет, какви се ефектите од првите три сета за економијата и што се случува со „есенските мерки“ од третиот сет – како гарантната шема и бескаматните кредити со грант од 30%?  
-Четвртиот сет на мерки ќе биде насочен кон економско заздравување, односно стимулирање на приватната потрошувачка, но и поттикнување на инвестиции во стопанството. Овие мерки треба да се надоврзат на претходните мерки и да вбризгаат нова ликвидносна инјекција во стопанството. Деновиве Владата има континуирани средби со стеикхолдерите, односно стопанските комори, ќе имаме и со синдикатите. Важно е во континуитет да се одржува дијалогот со нив, особено во услови на криза и да се разменат мислења и идеи за следните чекори.
Владатa досега излезе со три сета мерки од околу 550 милиони евра или околу 5% од БДП. Дел од мерките се веќе реализирани, дел се уште се во тек, дел ќе се реализираат во текот на годината, а дел се долгорочни. Секој од овие три сета е одговара на етапите на македонската економија низ кризата. Првиот за прва помош на стопанството, во време на изборен период кога не можат да се прават законски измени; вториот – кој се донесе за многу кусо време по првиот – наменет за премостување на периодот на затворање на капацитетите и третиот пакет, во мај за поддршка на почетокот на ревитализирањето на економијата по нејзиното отворање и започнување со работа на капацитетите. 
Со третиот сет на мерки е предвидена и нова линија бескаматни кредити во износ од 31 милион евра преку Развојна банка, која ќе има и грант компонента од 30% финансирана од Европската унија, тоа се дел од оние 80 милиони евра прва транша за кои треба да се потпише спогодба до крајот на месецот, значи мерката се очекува во октомври. Грантот би се доделувал на компании основани или водени од жени, понатаму компании кои вработуваат млади лица или кои се извозно ориентирани или кои ќе воведат иновации, дигитализација и е-трговија во нивното работење. Државаната гарантна шема исто така е предвидено да се спроведува преку Развојната банка. Целта е преку државните кредитни гаранции државата да понуди дополнителна можност и полесен пристап до финансиски средства за поддршка на приватниот ризик преку преземање на дел од кредитниот, а средствата ќе бидат пласирани преку комерцијалните банки. 
Да сумирам, мора да имаме добро дизајнирани политики и мерки, базирани на евиденција и да се измери нивниот резултат. Во тој поглед, веќе фокусот е на дизјанирање на четвртиот сет на мерки меѓу кои ќе има и редизајнирање или подобрување на некои од постојните кои имаат потенцијал за поддршка на економското заздравување.

7. За крај што може да очекуваме како ваши првични активности и приоритетни заложби во Министерство за финансии?
Морам да кажам дека тоа е голем предизвик, секогаш има итни работи кои чекаат, но исклучително важно е утврдување на приоритетите, а притоа да не се изостават важни работи, односно реалноста е дека ќе треба да се работи на повеќе фронта паралелно. 
Меѓу првите активности кои ќе ја доминираат мојата работна агенда ке бидаат  подготвителни активности за четвртиот сет на мерки, а веќе уште од првиот ден како претставници на Владата остваривме состаноци со стопанските комори. Во таа насока, мојот прв официјален состанок како Министер за финансии беше со Амбасадорот на ЕУ со цел повлекување на првата транша од 80 милиони евра од ЕУ наменети за поддршката за надминување на ковид-кризата. Ќе следат интензивни состаноци во наредната недела со Светска банка, ММФ, ЕБОР како и online состанокот со претседателот на Светска банка во рамките на годишните средби организирани од СБ и ММФ. Во Министерство веќе се прават сите припреми во врска со процесот кој претстои за подготовка на буџетот за 2021 година. Сметам дека покрај капацитетите во министерство, а со цел соодветно долгорочно и стратешко планирање, особено во период на криза, исклучително е важно да ангажираме и експерти надвор од министерството, односно активирање на Фискален совет од реномирани и угледни експерти, каде ќе се анализира состојбата и ќе предложат подобрување на состојбите со јавните финансии.

Главен приоритет ќе биде ублажувањето на ефектите од ковид-кризата и обезбедување солидна основа за заздравување на економијата и обезбедување на забрзан раст во пост-кризниот период, а притоа тоа га почувствуваат поголем број на граѓани преку подобрување на нивниот стандард и квалитет на живеење. Исто така, ќе се фокусирам во зајакнување на капацитетите на министерство за финансии која има клучна улога и одговорност во креирањето на економските политики на Владата.

Извор: Министерство за финансии