МФ: Тевдовски на Годишните средби на ЕБОР во Сараево

Министерот за финансии Драган Тевдовски, во рамки на делегацијата предводена од претседателот на Владата Зоран Заев, ќе учествува на Годишните средби на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), кои ќе се одржат од 7-ми до 9-ти мај во Сараево, Босна и Херцеговина.

Во рамки на средбите министерот за финансии ќе се обрати на панелот за инвестициски можности во регионот, каде ќе зборува за потенцијалите за инвестирање во нашата земја. Тевдовски има средби и со првиот потпретседател на ЕБОР Јирген Ригтеринг и Сузан Горансон, директорката на ЕБОР за проекти од општинска инфраструктура и животна средина. Во рамки на средбите Тевдовски ќе има прилика да оствари средби и со повеќе министри за финансии од регионот, како и со инвеститори.

Годишните средби на Европската банка за обнова и развој се одлична можност да се сврти вниманието кон потенцијалите за инвестирање во земјава, како и да се зборува за тековни и идни проекти кои ги финансира Банката. Главна тема на годинешните средби ќе биде „Поврзување на економиите за посилен раст“.

Денеска Тевдовски, заедно со премиерот Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев во Скопје ќе остварат и средба со претседателот на ЕБОР Сума Чакрабарти, кој е во посета на Република Северна Македонија.

Извор: Министерство за финансии