Министерство за одбрана: Министерот Шеќерениска на работилница за рано откривање на шумски пожари-Со членство во Нато ги јакнеме и капацитетите за поголема сигурност на граѓаните

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска присуствуваше на отворањето на работилница во организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ – Скопје, а која е дел од проектот ASPires кој се однесува на напреден концепт за рано предупредување за шумски пожари.

Министерката Шекеринска во своето обраќање најнапред истакна дека денешната работилница е типичен пример на висок степен на европска соработка, затоа што целиот проект е базиран на изнаоѓање соодветни решенија со заеднички инструменти и со споделени методи, и дека е потсетник за потребата за соработката помеѓу цивилните и одбранбените институции.

„Задоволство ми е што во годината кога го бележиме нашиот клучен напредок на планот на стратешката цел, членство во НАТО, со потпишувањето на протоколот за пристапување, со процесот на ратификација на овој протокол во веќе осум земји членки, ние покажуваме дека членството во НАТО не е само крупна надворешна политичка и одбранбена цел на државата, туку покажуваме дека тоа ни помага да ги зајакнеме капацитетите, со кои ќе обезбедиме вистинска сигурност на нашите граѓани“, рече министерката.

Шекеринска додаде дека Министерството за одбрана на националните паркови Бистра и Пелистер им отстапило опрема која се состои од сензори за детекција на температура, влажност, притисок, сензори за мерење ниво на јаглерод диоксид и јаглерод моноксид, рутери за комуникација со контролорите и најважното беспилотни летала, дронови кои што се опремени со камери и со мрежни камери кои ќе испраќаат податоци во еден центар.

„Превенцијата е најдобар одговор за справување со кризи и Министерството за одбрана заедно со Воената академија може да биде практично на првата линија на фронтот и да спречи ширење на шумските пожари кои загрозуваат луѓе, загрозуваат имот и ја загрозуваат животната средина“, истакна Шекеринска.

На работилница ќе бидат презентирани досегашните резултати од работата на проектот, и ќе се согледаат искуствата и потребите на крајните корисници во доменот на мониторирањето на шумските предели со цел поефикасна заштита на шумските предели.

Извор: Министерството за одбрана

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *