Министерство за информатичко општество и администрација: Манчевски и Царовска дел од настанот за промоција на партнерството на Северна Македонија со Амазон

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, присуствуваа на настанот во организација на Семос Едукација, кои од денеска се официјален тренинг партнер на Amazon Web Services (AWS).

Двајцата министри ја потенцираа важноста од партнерството со Амазон, и се осврнаа на придобивките и потребата од зголемување на ИТ вештините особено кај најмладите.

„Целта на дигитализацијата не е само Европската унија, туку таа е пред се за нашите граѓани. Нашите граѓани и деца заслужуваат исти услови и технологии како и тие во ЕУ.  А ние сме должни да им ги обезбедиме овде. Дигиталната трансформација е приоритет на секого, се додека го поедноставува и олеснува нашиот живот. Свесен сум дека граѓаните очекуваат Владата да им помогне во процесот на обезбедување побрзи, поефективни и ефикасни услуги за граѓаните. За да се максимизираат ваквите придобивки, дигитализацијата мора да биде хоризонтална, да поминува и да ги опфаќа сите сектори“, истакна министерот Манчевски.

Како што рече тој, моторот на дигиталната трансформација не е ниту Владата, ниту институциите. Тоа се ИКТ компаниите. И затоа се радувам кога некоја компанија воведува нешто ново, го следи светскиот тренд и не заостанува од Европските и светските трендови. Нема добар лекар или адвокат, администрација или компанија без технологија. За технологијата да биде сојузник, потребни  се обучени луѓе кои ќе управуваат со неа.

Министерката Царовска се осврна на важноста од преквалификацијата и едукацијата кои се неопходни за новите работни места кои се отвораат со развој на технологијата.

„Нашите заложби се да ги поттикнеме младите, но и лицата кои се работоспособни да се доедуцираат и преквалификуваат за работните места за коишто недостига кадар во моментот во државата. Во таа насока, во Оперативниот план за вработување за 2019 година имаме предвидено обуки за ИТ и дигитални вештини, кои од една страна се често барани професии, а од друга страна за нив има голем интерес, особено кај младите. Годинава во Оперативниот план имаме издвоена рекордна сума пари токму за обуки за напредните ИТ вештини. Со сумата која е неколкукратно повисока од претходните години и изнесува над 43 милиони денари или околу 700 илјади евра ќе бидат опфатени 1.323 невработени лица“, информираше министерката Царовска.

Amazon Web Services е водечки Cloud Service провајдер со 62% удел на светскиот пазар. AWS е cloud service платформа која нуди складирање на податоци, хостинг  и скалбилност на апликации, несерверска инфраструктура и други функционалности кои им помагаат на бизнисите да растат и да се развиваат без големи вложувања во инфраструктурата. Во моментов милиони корисници ги користат AWS cloud продуктите и решенијата кои им овозможуваат миграција на својата инфраструктура, креирање на софистицирани апликации со зголемена флексибилност, скалабилност и високо безбедна околина. За прв пат како тренинг провајдер директно се појавува на македонскиот пазар и во регионот преку соработката со Семос Едукација.

Извор: Министерство за информатичко општество и администрација

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *